Испробајте го рецептот на Жељка од каналот „Lola’d Dream Factory” и направете ги овие превкусни колачиња со едно јајце. „Во денешниот рецепт се навраќам на еден стар рецепт за колачи на кои сигурно се сеќавате од детството.

Колачот беше наречен „чyдо од едно јајце“, а толку е едноставен, што за него не е потребна ниту вага. А пак, од друга страна, тој е толку вкусен и евтин колач, што со задоволство повторно ќе го приготвувате, ако сте го подзаборавиле”, вели Жељка. Еве кои состојки ви се потребни:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 јајце, 1 чаша шеќер, 1 чаша млеко, ½ чаша масло, 1 чаша мелени ореви, 1 чаша + 2 лажици брашно и 1 кесичка прашок за печиво. Чашата на мерка е 200 мл.

ПОСТАПКА: Во подлабок сад измешајте ги брашното и прашокот за печиво и просејте ги низ сито. Во посебен сад за матење ставете го едното јајце заедно со шеќерот и изматете со миксерот.

Кога пенасто ќе го изматите јајцето, а шеќерот ќе се растопи, започнете постепено, во тенок млаз, да го додавате млекото, а потоа на ист начин и маслото. За сето време матете со миксерот без прекин.

На крај додајте ги мелените ореви, а за нив не ви е потребен мниксер, туку промешајте ги полека со жица за матење. Потоа додајте го и просеаното брашно заедно со прашокот за печиво. Сето рачно соединете го додека да добиете изедначена смеса.

Вака приготвената смеса излејте ја во намастен и со брашно наросен плех (вишокот истресете го) со димензии 20х30 см. Рамномерно распоредете и израмнете. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени, 20 минути. Кога е готов, бисквитот оставете го да се лади.

Потребни состојки ЗА КРЕМ: 600 мл млеко, 2 ќесички пудинг од ванила, 10 лажици шеќер и 250 г путер или маргарин. ПОСТАПКА: Прашокот за пудинг помешајте го со 10 лажици шеќер. Додајте и дел од 600 мл млеко, колку да се размати смесата.

Остатокот од млекото ставете го во тенџере на оган, па кога ќе зоврие додајте ја смесата од пудинг и шеќер (да нема грутчиња) и матете постојано на умерен оган додека смесата убаво да згусне.

Сварениот пудинг прекријте го со проѕирна фолија и оставете го целосно да излади. Изладениот крем изматете го добро со миксер додека да добиете мазна смеса. А потоа во кремот малку по малку додајте го омекнатиот путер и повторно изматете со миксер. На крај ќе добиете многу нежен и мазен крем.

Готовиот крем рамномерно рапосредете го и намачкајте го врз ладниот бисквит. Убаво израмнете и оставете да се лади во фрижидер најмалку два часа. Ладниот колач исечете го на еднакви коцки.

ЧОКОЛАДНАТА ГЛАЗУРА: За да ја приготвите глазурата ќе ви биде потребно 150 г чоколадо за готвење и 5 лажици масло. Чоколадото искршете го и заедно со маслото растопете го на пареа додека да се претвори во сјајна и мазна глазура.

Исечените коцки ставете ги на решетка, па одозгора прелијте ги со топлата чоколадната глазура. Оставете да излади и стегне глазурата, па одозгора по желба можете да ги декорирате со шлаг во шприц. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.