За овој колач дознав многу одамна од една пријателка, таа го нарече „мрзлива торта“ и тоа со право, бидејќи се приготвува за само 10-15 минути.

Потребни состојки:

-бисквити
-пудинг по желба
-млеко
-шеќер

Постапка:

НАМЕРНО не ги напишав количините на состојките, затоа што колачот се реди по сопствена желба, се реди во било кој сад по ваша желба, тркалезна, правоаголна, калап… кој како сака!

Значи, во калапот кој ќе го одберете се реди еден ред бисквити. Не е потребно да се натопуваат бисквитите во млеко, бидејќи врз нив се излева врел пудинг, па од него омекнуваат.

Потоа сварете го пудингот на вообичаен начин според упатството на кесичката и веднаш додека е врел прелијте го врз бисквитите.

Веднаш врз врелиот пудинг се реди нов ред биксвити. Сварете го и вториот пудинг, па и него прелијте го врз бисквитите. Наредете нов ред бисквити, па сварете нов пудинг и така по ред…

Зависи колку редови сакате да измате и колку да ви биде висока тортата. Тоа е тоа! Јас овојпат правев со пудинг од ванила и од чоколадо, да речеме „класична верзија“. Вие можете да користите вкус кој ќе посакате, а може секој ред да ставате нов вкус.

Може првиот ред да ставите бисквити, па пудинг од ванила, па да наредите чоколадни бананчиња, па повторно пудинг од ванила. Така ја направив минатата година и сите беа воодушевени. Или пудинг од ванила, па пудинг од јагода, па од чоколадо… или во пудингот од ванила да ставите 50 г кокос. Има безброј варијанти, веќе сфативте, направете ја како сакате по ваш вкус, нема да зажалите, прелесна е, превкусна е и сите ја сакаат.

Пред сервирање потребно е добро, добро да се разлади во фрижидер, најмалку 3-4 часа.