Многу едноставен колач за приготвување, а за вкусот немам зборови. Во рецептот е користен калап бр.32, но може да послужи и поголемиот плех од рерна за понизок колач. Ако досега не сте го пробале, запишете си го рецептот, нема да ве разочара, едноставно се топи во уста.

Потребни состојки: 5 јајца, 5 лажици шеќер, 5 лажици брашно, 5 лажици мелени ореви и 1 прашок за печиво. Прелив: 300 г шеќер и 500 мл вода. Фил: 3 пудинг од ванила, 1 литар млеко и 250 г путер/маргарин. За декорација: 2 шлаг крем од ванила или по избор

Постапка: Најпрво пригответе го преливот за да има време да се олади. Ладниот прелив се истура полека врз врелата печена кора кога ќе се извади од рерна. За прелив: Ставете ги водата и шеќерот на оган, па откако ќе зоврие, варете уште неколку минути за да може шеќерот целосно да се растопи.

Од наведените состојки направете ја кората: прво изматете ги белките во цврст снег, постепено додајте го шеќерот, матете уште малку колку да се растопи шеќерот, па потоа додајте ги жолчките, една по една и продолжете со матење, додека и тие да се инкорпорираат.

Кога сето е добро ќе биде изматено, се добива убав воздушен крем. Во него додајте просеано брашно измешано со прашок за печиво, а на крај додајте ги и оревите. Може и претходно да ги измешате во еден сад (брашното, прашокот за печиво и мелените ореви).

Мешајте полека со лажица, со превртување на смесата, така да остане пенлива и воздушеста. ова е многу важно за да добиете убава мека кора. Потоа излејте го тестото во претходно намастена и набрашнета тепсија или калап и ставете да се пече во претходно загреана рерна рерна на 180 степени.

Кога е готова кората проверете со чепкалка за заби. Ако излезе сува чепкалката, значи дека кората убаво се испекла (внимавајте и да не ја препечете). Печената кора натопете ја со претходно приготвениот и изладен прелив. Со чепкалка на неколку места избоцкајте ја кората, па рамномерно нанесете го преливот.

Во меѓувреме сварете го пудингот според упатството. Одземете малку млако од вкупната количина, разматете го пудингот со шеќерот, а остатокот од млекото ставете го на оган. Кога ќе зоврие, намалете ја температурата и постепено додавајте го пудингот со постојано мешање. мешајте додека да се свари пудингот и да згусне.

Тргнете го на страна пудингот и покријте го со проѕирна фолија. оставете го да се олади. Може да се лади и без фолија, но мора повремено да го промешувате за да не фати коричка.

На страна пенасто изматете го путерот, па во него, лажица по лажица, додајте го целосно изладениот пудинг (мора да биде ладен пудингот, бидејќи ако е макар и млак, ќе го растопи путерот и ќе ви го расипе филот). Матете непрекинато додека да добиете убав нежен крем.

Кремот рамномерно распоредете го врз изладената кора и израмнете. Шлагот изматете го според упатството со млеко или газирана вода, па и него нанесете го одозгора. на крај ви останува да декорирате со малку мелени ореви или рендано чоколадо. Изладете добро пред послужување.

II РЕЦЕПТ Пудинг колач со какао кори и ореви а помеѓу два фила со биксвити

Ова е превкусен пудинг колач со какао кори и ореви, а помеѓу има два фила од какао петит бисквити кои ја дополнуваат комбинацијата.

Потребни состојки за кори: 6 јајца, 6 лажици шеќер, 150 г мелени ореви, 1 полна лажица какао, 5 лажици брашно, 3 лажици масло, 3 лажици ладна вода и 5 г прашок за печиво (а може да се стави и цела кесичка)

За крем I и II: 1 литар млеко, 3 пудинг од ванила, 5 лажици кристален шеќер, 150 г чоколадо (какво сакате), 200 г маргарин / путер, 100 г шеќер во прав, 200 мл слатка павлака, 80 г петит бисквити и млеко за натопување на бисквитите

Постапка: вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени. Пенасто изматете ги белките, па постепено додавајте шеќер со постојано матење за да се растопи. Кога ќе добиете цврст снег, додавајте ги жолчките, па водата и на крајот маслото, за сето време матејќи со миксерот.

На крај додајте ореви, брашно, какао и прашок за печиво, па сето соединете го во смеса без грутчиња. Смесата излејте ја во обложен плех со хартија (30х20 см) и ставете да се пече. Кога ќе ставите да се пече температурата намалете ја на 180 степени.

Кората печете ја околу 20-25 минути. Допрете ја со дланката полека, нежно, кората треба да е мека, но не премека, да не пропаѓаат прстите внатре. Значи прво допрете со дланка, па тестирајте со чепкалка.

Пудингот разматете го со шеќер, па додајте малку ладно млеко, а остатокот ставете го на оган да зоврие, а потоа сварете го пудингот со постојано мешање додека да згусне. Тргнете од оган, па половина од пудингот излејте го во друг сад во кој ќе искршите чоколадо и ќе мешате додека да се растопи.

И двата дела од пудингот прекријте ги со проѕирна фолија за да не фатат коричка и оставете ги да се оладат. Изматете пенасто путер претходно оставен на собна температура, заедно со шеќер во прав. Поделете го на половина, па едниот дел спојте го со едниот пудинг, вториот дел со чоколадниот.

Изматете ја и слатката павлака, па во секој дел додадете по 2 супени полни лажици и повторно изматете. Изладената кора пресечете ја хоризонтално, така да добиете две тенки кори (ако не сакате вака да ја сечете, тогаш печете во големиот плех од рерна, па тогаш само на половина пресечете.

Редење: кора, еден цел фил, бисквити натопени во млеко, па вториот цел фил и на крај втората кора. Одозгора се премалкува со шлагот и се остава во фрижидер да излади.