Кога го најдов овој рецепт, не го знаев името на овој колач и уште не го знам вистинскиот назив. Само имав слика во телефонот со состојките и начинот на подготовка, од некоја австриска веб-страница. Ќерка ми успеа да го подготви од почеток до крај (освен работата околу рерната, се разбира) и затоа по неа го нареков „Нина“, така си го завикавме дома.




Кога имав 6 години како неа, се вљубив во кујната и во готвењето додека и помагав на баба ми, па се трудам тоа да ѝ го пренесам. Овој колач е токму по мој вкус, не е премногу благ и не е сув, направен е со гриз, а прелиен со сируп од портокал и на крајот е наросен со бадеми. Еве што ви е потребно да го подготвите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 500 г маскарпоне сирење, 5 јајца, 150 г маргарин или путер, 200 г шеќер (кристал), 500 г гриз, 1 кесичка прашок за печиво. ЗА СИРУПОТ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 150 г шеќер (кристал), 5 супени лажици сок од портокал, 125 мл вода, листови од бадем за декорација.

„НИНА“ КОЛАЧ




Рецепт на Снежана. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 200 г шеќер, 125 мл сончогледово масло, 125 мл исцеден сок од портокал, 1 лажичка ванилин шеќер или арома од ванила, 1 кесичка прашок за печиво, малку рендана кора од портокал, 200 г брашно тип 400. ЗА СИРУП: 100 г шеќер во прав, сок од половина цеден портокал.




ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени. Тавата за печење (јас користев кружна, рецептот препорачува квадрат со пречник 20х20 см) премачкајте ја со маргарин или путер на дното и од страните. За колачот, јајцата се матат со шеќерот додека да се добие густа и бела маса, а шеќерот да биде растопен.




Постепено се додава маскарпонето, па маргаринот или путерот и се убаво се мати. Маргаринот, јајцата и маскарпонето треба да бидат стоплени на собна температура, за соединувањето на колачот да биде полесно. Прашокот за печиво измешајте го со гризот и постепено додавајте го во смесата со јајцата, додека непрекинато миксирате.




Истурете ја смесата во подмачкана тава и печете околу 40-45 минути или со чепкалка проверете дали средината на колачот е испечена. ЗА СИРУПОТ: Кога колачот е речиси готов, во мало тенџере измешајте го шеќерот, сокот од портокал и 125 мл вода и варете додека да зоврие течноста. Потоа намалете ја температурата на ринглата и варете уште 3-4 минути.




Додека колачот е уште врел, избоцкајте го на неколку места со чепкалка за заби, па прелијте го со врелиот сируп и целата торта обилно наросете ја со листови бадеми кои убаво ќе се залепат за преливот. Оставете го колачот да се излади, па исечете го на триаголници со големина по ваша желба.

„НИНА“ КОЛАЧ

ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Одделете ги белките од жолчките. Белките матете ги неколку минути додека да се добие цврст шам. Посебно се матат жолчките со шеќерот, аромата на ванила, па се додаваат маслото и сокот од портокал и ренданата кора од портокал. Сè убаво измешајте со шпатула и со соединете со белките кои треба постепено да ги додавате во жолтата смеса.

ВТОР РЕЦЕПТ




Потоа, постепено додајте брашно и прашок за печиво. Полека соединете сè, со шпатула, за да не спласнат белката. Вклучете ја рерната на 180 степени. Еден калап обложете го со хартија за печење. Јас користев долгнавест плех со димензии 30х10 см, па истурете ја смесата и печете околу 35 минути.




Проверете со чепкалка после 20 минути, но потребни се околу 35 минути за да се испече колачот. Испечениот колач извадете го од калапот и ставете го на плех. Во меѓувреме подгответе го сирупот. На 100 г шеќер во прав постепено додавајте сок од половина портокал и мешајте додека да добиете глазура која ја преливате врз ладниот колач.

Послужете го со кафе или чај, прекрасен е, вкусен, мирисот на портокал преовладува. Колачот може да се направи со мандарина или лимон. / Сoolinarka.сom