Рецептот го добив од една прекрасна жена со огромно срце, моја бивша наставничка и драга пријателка. Колачот е толку едноставен за подготовка, а со толку добар вкус, што нема да ви се верува дека ништо посебно не се става во него.

За сите оние што постат или едноставно ги одбегнуваат јајцата и млекото, овој рецепт верувам дека добро ќе им дојде. останува само уште да го испробате и да бидете воодушевени како што сум јас! Еве што ви е потребно според рецептот на Јелена:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за бисквит (се мери со чаша од 200 мл): 1 чаша кристал шеќер, 2 чаши меко брашно тип 400, 1 супена лажица какао во прав, 1 чајна лажичка сода бикарбона, 1 чаша растително масло, 1 чаша сок од компот (јас правев со сок од јаболка, а вие каков сакате), 1 чаша испасирано овошје од јаболка

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за фил за премачкување помеѓу бисквитите: 3 ребра чоколадо за готвење (50-80 г), 5 супени лажици џем од сливи. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г чоколадо за готвење и 1-2 супени лажици растително масло

ПОСТАПКА: Во подлабок сад соединете ги сите суви состојки: брашното, шеќерот, сода бикарбоната и какаото, па помешајте за да се изедначат. Јаболкото излупете го и исечете го го на коцкички. Прелијте го со вода и ставете една супена лажица шеќер, па варете 3-4 минути.

Тргнете го тенџерето од рингла и низ цедалка процедете го компотот. Може да користите и претходно приготвен компот или купечки од конзерва. Овошјето испасирајте го со виљушка и измерете една чаша сок од компотот.

Би требало да ви остане точно една чаша сок. Оставете да се олади. Кога компотот ќе се олади, додајте го сокот во брашното, а ппотоа додајте го и маслото и испасираното овошје. Добро изматете за да добиете еднолична, компактна смеса.

Плехот намастете го со масло и наросете го со брашно да се обложи целата површина, а вишокот истресете го. Сипете половина од смесата во плехот, распоредете рамномерно и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 170 степени.

Јас ја измерив добиената смеса на дигитална вага, за да можам еднакво да ја поделам, а филот еднакво да ми биде на средина. Па така, вкупната тежина изнесуваше 900 грама, а за секој од бисквитите сипав по 450 г.

Оставете тестото малку да се потпече, па извадете го плехот и премачкјате го тестото со филот. Филот треба однапред да се приготви. Растопете три штангли чоколадо и помешајте со 5 супени лажици џем од сливи.

Преку филот сипете го рамномерно остатокот од тестото и оставете колачот да се испече. Со чепкалка проверете дали тестото е доволно печено. Готовиот колач оставете го да се олади, а потоа залијте го со глазура (само растопете го чоколадото со една лажица масло).

Оставете го колачот целосно да се олади, а глазурата да се стегне, па потоа сечете на убаво овошни, посни штанглички или коцки. На здравје сладење! рецепт на Јелена.