Секој од нас барем еднаш во животот направил погрешен избор во љубовта. Таков избор направив и јас, кога бев помлада.

Се вљубив во личност која беше проблематична и не носеше добри одлуки, но во друштвото важеше за „мангуп“. Тогаш верував дека тоа е вистинска љубов. Со нетрпение го чекав секој момент од слободното време да го поминам со него.

Се чувствував посебно кога бев во негова близина. Иако знаев дека не делиме исти намери и дека јас не сум негов прв избор, тоа не ме спречи.

Пред да се вљубам толку длабоко, гледав други жени и се прашував како можаа да останат во врски каде што не се почитувани. Секогаш тврдев дека ќе бидам поинаква и дека тоа мене нема да ми се случи.

Но, реалноста беше сосема поинаква – токму тоа ми се случи. Мојата приврзаност кон него ги надмина сите други рационални размислувања. Поради оваа приврзаност, неколку пати му се враќав.

Не ги сфатив сериозно ни зборовите на мојата покојна мајка, која сакаше само да бидам среќна и рече дека тој не е оној вистинскиот за мене и дека не ме заслужува. Бев упорна и постојано се враќав, без разлика на тоа што и да ми направил претходно.

Се трудев да најдам среќа, верував дека ќе успеам ако се борам да успее љубовта. Но дури подоцна сфатив дека не можеш да најдеш среќа на место каде што си пролеал толку солзи.

Тоа беше болната вистина со која требаше да се соочам. Ситуациите во животот можат да се променат, но луѓето тешко. Има особини кои се длабоко вкоренети во нашиот карактер.

Имав една таква особина – бев неверојатно тврдоглава и наивно верував дека ќе постигнам среќа ако се борам за неа. Можеби понекогаш може да функционира во некои ситуации, но среќата не може да дојде покрај личност која не ве цени.

Луѓето тешко се менуваат и таквите луѓе нема да станат подобри за вас. Затоа е подобро да се ослободите од илузијата дека луѓето ќе се променат. Најдобро е да препознаете кога е време да соберете храброст и да ја напуштите таа токсична врска.

Ова правило не важи само за љубовните врски. Тоа се однесува и на пријателства, работни места, па дури и семејни врски. Луѓето ретко се менуваат.

Онаму каде што еднаш имало завист, озборување, нечесност, сплеткарења, измами, неверства… тие често таму и ќе си останат засекогаш, колку и да се прикриваат и маскираат. Луѓето кои ве понижувале, критикувале, осудувале и омаловажувале веројатно секогаш ќе го прават тоа.

Нема среќа во такви средини. Колку побрзо ја сфатите оваа вистина, толку полесен ќе ви биде животот. Ова особено важи за љубовните врски. Не дозволувајте целиот ваш живот, па дури ни дел од него, да помине во потрага по среќа со партнер кој не ве сака и почитува.

Едно е сигурно – жената секогаш ја чувствува љубовта и знае кога вистински е сакана. Ако не се чувствувате како да сте нечиј приоритет и дека сте единствената опција, време е да продолжите понатаму.

Не залажувајте се и не мислете си дека среќата ќе ја најдете на местата каде што еднаш сте пролеале солзи.