Некои од рецептите за зимница толку ни се сраснати за срце, што не може да помине година без да ги направиме. Проверени рецепти и одлични!

Ова е еден рецепт од мајка ми за полнети пиперки кој ќе го споделам со вас и мислам дека нема да најдете сличен рецепт на овој. Пиперките се полнети со лук и рен, комбинација – уф! Мене лично ми се доволни само овие пиперки и едно парче леб – ништо друго не ми треба!

Потребни состојки:

60-70 пиперки (бабури, рог или слични за полнење)
500  г лук
200 г сол
300 г рен (една тегличка од 340 г)
500 мл масло
1 китка целер
1 китка магдонос
100 мл есенција

Постапка:

Пиперките добро измијте ги и исчистете ги од семето. Во поголема шерпа ставете околу 3-4 литри да зоврие со 3 лажици сол. Ставајте по 10-тина пиперки во зовриената вода и кратко обарувајте ги, само колку еден клуч „да ги фати“. Вадете ги со решеткаста лажица во вангла.

Лукот исчистете го и сомелете го во машина за мелење месо, додадете сечкан целер и магдонос, масло, рен, сол и на крај есенција. Пиперките полнете ги со филот, така што во секоја се става по една полна кафена лажичка од смесата.

Редете ги во подлабока шерпа или вангла. Прекријте со чиста крпа или поклопете ги, па оставете ги вака да отстојат 2-3 дена, да отпуштат сок.

Приготвените пиперки прередете ги во поголеми тегли и прелијте ги со исцедениот сок, по желба можете да додадете бибер во зрно, само немојте да ги преполнувате теглите. Затворете добро со капаци и чувајте ги на ладно (подрум, шпајз и слично).

Пиперките се одлични и како салата, но и како прилог со печено месо.