Многу декоративен, но пред сè – вкусен куглоф!

Потребни состојки: 3 јајца, 200 г шеќер, 2 ванилин шеќер, 250 мл масло*, 375 мл млеко + 1 лажица, 450 г брашно, 1 прашок за печиво и 15 г какао

Постапка: изматете ги јајцата кои претходно сте ги оставиле на собна температура и постепено додавајте шеќер. Матете додека да добиете густа и светла смеса, па на крај додајте ја и ванилата (јас користев шеќер од трска и ставив само 150 г зошто не сакаме многу благо, а за вас кои сакате послатко, ставете 200 г).

Додавајте постепено масло со постојано матење и на крајот додајте млеко и соединете убаво сето заедно.

*Можеби за некого ова е премногу масло, јас овој куглоф еднаш го направив со помалку масло, но тогаш ми излезе малку сув, па така препорачувам да ја ставите целата количина масло, колку што е препорачано во рецептот.

Брашното просејте го заедно со прашокот за печиво. Со жица за матење соединете го брашното со течната смеса, додавајќи по малку, па кога ќе ја соединете првата количина, додајте го и преостанатото брашно.

Кој сака може да додаде и рендана кора од лимон или портокал. Во мала чинија ставете лажица млеко па додајте какао и растопете го во млекото.

Целокупната смеса поделете ја на два дела (Кај мене имаше малку повеќе од 600 г секој дел), па во едниот дел додајте го какаото и добро соединете го со смесата.

Калапот за куглоф (најголемиот што го имате) добро испрскајте го со спреј за печење или намастете го со путер и малку набрашнете го.

Со лажица наросете од белата смеса насекаде по дното (околу 3 до 4 лажици), а потоа наизменично истурајте кафеава и бела смеса сè додека да ви се потроши материјалот.

Вклучете ја рерната на 175-180 степени додека го полните калапот, а додека да завршите, рерната ќе се загрее. Печете го куглофот околу 45-50 минути. Пробајте со тенка игла за плетење дали колачот е испечен.

Оставете го во калапот малку да се излади, а потоа свртете го на решетка и оставете го целосно да се олади. Куглофот можете да го прелиете со растопено чоколадо или само да го наросите со шеќер во прав.