Направете домашни млечни колачиња со кои ќе ги изненадите вашите деца. Честопати овие киндер млечни колачиња им се омилени на нашите деца, а нив никогаш не им е доволно од овие слатки, но за жал во пакувањето има само 1 колаче со невообичаена цена.

Но, овие колачиња не се омилени само помеѓу помладата популација. Покрај децата и родители ги обожаваат киндер млечните колачиња. Неодамна еден познат јутјуб канал, по рецептот на “Мои Колачи” објави лесна подготовка на овој колач во екстра големина.

Колачот се подготвува за многу кратко време, а вашите деца ќе бидат воодушевени бидејќи овој колач ќе го имате во голема форма. Повеќе никогаш нема да ги купите купечките млечни колачи. Родителите кои веќе го направиле овој колач тврдат дека е поубав и повкусен од купечкиот.

Потребни состојки: За кора: 3 јајца, 125 г шеќер, 125 мл млеко, 125 г брашно, 40 г какао, 1 ќесичка прашок за печиво. За фил: 500 г маскарпоне, 50 г шеќер во прав, 50 г мед. За шлаг: 100 мл крем за шлаг, 1 ќесичка ванилин шеќер, 1 ќесичка инстант шлаг, 1 ќесичка лимонов шеќер.

Постапка: Во сад ставете ги трите јајца, а во нив додајте го шеќерот. Матете ја смесата со миксер додека да добие светло жолта боја и течна форма. Потоа во смесата додајте го млекото и продолжете да мешате со миксерот.

Низ сито, во смесата додајте го брашното, какаото и прашокот за печиво. Соединете ја смесата повторно со миксер додека да добие чоколадна боја и стане хомогена. Потоа поделете ја смесата на два еднакви делови.

Потребни ви се два плеха кои ќе ги обложите со хартија за печење, а потоа на плеховите со димензии 30×20 распоредете ги еднакво двете смеси.

Доколку немате два плеха, прво испечете ја едната половина од смесата, а потоа другата. Во претходно загреана рерна на 180 степени, печете ја кората на колачот 15 минути.

По изминатото време, оставете ја кората од колачот да се излади на собна температура, а во меѓувреме подгответе го филот. Во сад ставете 500 г максарпоне, додајте шеќер во прав и 50 г мед. Убаво соединете ја смесата со миксер и тргнете ја настрана.

На крајот се подготвува шлагот. Во сад ставете го кремот за шлаг, а потоа додајте ги и останатите состојки. Додајте го ванилиниот шеќер, 1 ќесичка инстант прашок за шлаг и 1 лимонов шеќер.

Изматете ја смесата со миксер само кратко време на најмала брзина на миксерот, а потоа соединете ја со претходно подготвената смеса со маскарпоне и промешајте уште малку додека да се соединат двете смеси.

Добиениот фил премачкајте го врз едната кора која претходно ја печевте. Потребно е убаво да го измазните филот и подеднакво на сите страни така што филот ќе биде во подебел слој од базата (кората) на колачот. На крајот, само правилно ставете ја втората кора врз филот.

Колачот е потребно да отстои во фрижидер најмалку 5 часа за добро да се стврднат меѓусебно корите со филот. Вкусот на колачот нема да ве остави рамнодушни. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска