Ќе ви ги претставиме двата најдобри рецепти за кифлички. Излегуваат меки како памук и едните и другите, а на вас останува да го одберете вашиот фаворитен рецепт, според состојките што ги имате дома.

Потребни состојки за тестото: 1 коцка квасец, 400 мл млеко, 200 мл вода, 3 еднакви лажички сол, 1 лажичка шеќер, околу 850 г брашно. За премачкување: 150 г свинска маст или путер/маргарин, 3 жолчки од јајце, 1 лажица брашно. За крај: 1 јајце, семки по желба.

Подготовка: Активирајте го квасецот во 200 мл топло млеко, шеќер и лажичка брашно. Додајте ги другите состојки и замесете меко тесто и оставете да се удвои на собна температура.

Потоа развлечете го тестото во валјак и поделете го на 4 еднакви делови. Од секој дел формирајте топки. Одделно соединете ги свинската маст, жолчките и брашното и убаво измешајте.

Секоја „јуфка“ развлечете ја во големина на поголема чинија (во кружна форма како за пица) и премачкајте ја со смесата за премачкување која претходно сте ја подготвиле. Вака подгответе ги и останатите теста.

Оставете да отстојат половина час, па соединете ги две со две. Потоа развлечете ги корите на рамна набрашнета површина како за пита. Тестото се развлекува со раце, не со оклагија (бидејќи и горната „јуфка“ е премачкана), не мора да биде многу тенко, но добро растегнете. Тестото лесно се развлекува.

Вака подготвените теста виткајте ги во тенок долг ролат (валјак). Секоја ролна се сече попречно на еднакви делови и печивата се редат во плех обложен со хартија за печење.

Се оставаат тестата уште малку да стасаат додека се загрее рерната и се премачкуваат со изматено јајце и по желба се наросуваат со семки по ваш избор.

Загрејте ја рерната на 180 степени и печете додека тестото добие златно-кафеава боја. Од оваа количина се добиваат два поголеми плеха од кифли. Тестото може да се полни со сладок или солен фил, но и вака шупливи се многу вкусни. / Сооlinarka.сom

II РЕЦЕПТ – Кифлички со јогурт и кисела павлака за 20 минути – ЖУ ЖУ. Брзи, вкусни, подобри од купечките! Можете да ги приготвувате за разни слави, родендени и други свечени пригоди, но можете да ги правите и секој ден, бидејќи на сите им се омилени и сите ќе ви ги бараат.

Потребни состојки: 100 мл јогурт, 100 мл кисела павлака, 100 мл млеко, 100 мл масло, 2 јајца, 2 лажички шеќер, 40 г свеж квасец, малку сол, 700 г брашно +- За фил: 250 г путер/маргарин, 200 г + 200 г ситно сирење, 200 г салама, 1 белка.

Постапка: Павлаката, јогуртот и млекото малку замлачете ги, додаjте шеќер и квасец и уште 4 мали лажички брашно. Кога ќе се активира, додаjте ги другите состојки, замесете тесто и оставете на топло место за да стаса и да го удвои својот волумен.

Потоа развлечете една голема кора, преку неа изрендајте еден ладен маргарин и наросете 200 г ситно сирење. Свиткајте во ролат кој треба да отстои половина час, па повторно се развлекува голем правоаголник кој се сече на пет ленти. Во цик-цак се сечат лентите за да се добијат тријаголници.

Се филуваат со 200 г сирење и салама сечкана на коцки. Се премачкуваат со разматена жолчка. Можете да ги замрзнете па да ги вадите и печете по потреба. Печете ги додека да добијат убава боја на 180-200 степени, во зависност од вашата рерна. / reсepti.сom