Кифлите се без млеко и путер, а меки и превкусни, како да сте поминале часови правејќи ги… Под прсти се чувствуваат толку меки и пуфкасти. Морав да ви го испратам рецептот зошто сум воодушевена со каква леснотија ги направив.

Добив две полни тепсии прилично големи кифли. Мислам дека ова тесто ќе го користам во иднина и за други обличи и други полнења, можеби нешто слатко, бидејќи овојпат беа солени.

Потребни состојки: 300 мл јогурт, 200 мл вода, 200 мл масло, 1 лажица шеќер, 1 лажица сол, 2 јајца, 1,2 кг меко брашно, 40 г свеж квасец или 15 г сув квасец

Постапка: загрејте ја водата да биде топла, додадете шеќер и квасец и сето убаво промешајте го. Оставете 10-тина минути на топло за да се активира и запени.

За тоа време во еден поголем и подлабок сад ставете јогурт. Загрејте го маслото да биде топло, па додадете го во јогуртот. Оставете малку масло, неколку лажици за премачкување на тестото после месењето.

Кога квасецот ќе се активира, во него додадете ја мешавината од јогурт и масло. Додадете ги и јајцата, па сето заедно изматете го со жица.

Потоа додадете околу 500 г брашно и сол, па повторно убаво измешајте со жица или лажица. Додадете уште 500 г брашно и замесете го тестото. Додадете уште малку при месењето, околу 100 г, за да не се лепи за раце. (Јас потрошив 1,1 кг брашно за замесување на тестото).

Обликувајте топка, па премачкјате ја со маслото што претходно го оставивте настрана. Тестото оставете го на топло да стасува околу еден час. Потоа, многу лесно со помош на брашно, домесете го тестото. Не го гмечете премногу, туку внимавајте да остане пуфкасто.

Повторно обликувајте топка, па наросете ја со брашно. За ова ви е потребна голема тркалезна трпезариска маса: Развлечете голема тркалезна кора (околу 75см).

Исечете ја на прво на половина, па на четвртина и продолжете да сечете додека да добиете 32 тенки триаголници.

Филувајте ги по желба и виткајте ги кифлите. Редете ги во намастен плех. Премачкувајте ги со масло и оставете ги да стасуваат додека да се удвојат, околу 20-30 минути, па вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени.

Печете ги кифличките 20 минути или додека да заруменат по ваша желба. Што ќе ги извадите кифличките од рерна, веднаш со четка премачкајте ги со масло. Можете веднаш да ги послужите за јадење.