Карфиолот е зеленчук кој нè асоцира на зима, има вкус на зелка со слатка нота и пријатен вкус. Може да се јаде свеж како салата или зготвен на најразлични начини. Најчесто кратко се обарува во врела вода, а потоа разделен на цветчиња се похува и пржи во масло.

рецепт 1




Но, со овој начин на подготовка карфиолот впива масло во себе, па иако е вкусен прилог, сепак луѓето го одбегнуваат. Меѓутоа, доколку го приготвите на следниот начин и го испечете во рерна, ќе добиете многу вкусно и заситно јадење кое можете да го послужите како главен оброк. Еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 карфиол со средна величина или 2 помали, лебни трошки (презла), мешан растителен зачин (вегета) или сол по избор, црвен пипер во прав и црн пипер по вкус, 1-2 јајца (во зависност од тоа колку имате карфиол), 200 – 250 мл кисела павлака (и ова зависи од количината на карфиолот), 150 г рендан кашкавал

рецепт 2

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:1 кг карфиол, 1 лажица сув зачин, 100 мл масло или по потреба, 2 супени лажици брашно, 500 мл млеко, вода по потреба, малку сув зачин и магдонос, рендан кашкавал или димен трапис




ПОСТАПКА: Карфиолот измијте го, исчистете го и разделете го на цветчиња, а потоа ставете ги во зовриена вода која претходно сте ја посолиле. Варете ги приближно 10 минути. Карфиолот вадете го со решеткава лажица, а спремен е кога е доволно е омекнат, а сепак кога со виљушката ќе го боцнете не се распаѓа.




Дното на огноотпорен сад со соодветна величина, наросете го со лебни трошки (презла) во тенок слој. Потребно е само толку колку да се впие вишокот течност. Сварениот карфиол наредете го врз лебните трошки (презла), и иако ќе ви делува дека на некои места е повлажно, а на некои места посуво, не грижете се, кога ќе се залие со преливот сè ќе биде одлично.




За прелив добро изматете ја павлаката, јајцето и зачините. Секој цвет од карфиолот малку засечете го со лажица за да може преливот секаде да навлезе. Така ќе добиете полн вкус со секој залак.




Рамномерно со лажица распоредете го преливот преку карфиолот. Изрендајте го кашкавалот на крупната страна од рендето и во тенок слој сипшете лебни трошки (презла), а потоа зачинете со малку црвен пипер. Печете на 200 степени околу 25 минути, додека преливот да добие златна боја. Деталите погледнете ги ОВДЕ, но не ја пропуштајте постапката и од вториот рецепт.




ПОСТАПКА за рецепт 2: Карфиолот измијте го, исчистете го и исечете го на мали цветчиња. Варете го во тенџере со зовриена вода 15-тина минути, да биде речиси сварен, но да не се распаѓа. Процедете го карфиолот и оставете го да подизлади.

рецепт 2




Во друг сад загрејте масло, додајте брашно и мешајте малку да се запржи и да добие жолтеникава боја. Потоа налијте го млекото и мешајте. Додека мешате додавајте по малку вода додека да добиете течност со густина слична на јогуртот.




Тргнете го сосот од оган, па додајте сув зачин, магдонос, а може и малку црн пипер по вкус. Вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени. Во тепсијата наредете го карфиолот, еден до друг убаво распореден за да се исполни целата тепсија.




Одозгора прелијте го рамномерно сосот и ставете во рерна да се потпече приближно 15-тина минути. После 15 минути наросете одозгора рендан кашкавал, па вратете во рерна да се допече уште 15 минути. Послужете топло.