Оваа лековита билка е позната и под имињата титрица и забњак, но најпозната е по името камилица. Расте на ниви, на глинеста почва, шумски ливади и полиња. Поради обилно користење на вештачки ѓубрива оваа наша драгоцена лековита билка сè повеќе е загрозена.

Особено ја има доста после зима во која имало снег и ако во пролетта имало доста врнежи. За разлика од дивата камилица, на “питомата” камилица основата на цветот е шуплива, а мириот кој потекнува од етеричните масла, е многу пријатен.

Собирањето на цветните главички е најдобро од мај до август и тоа на пладневно сонце. Камилицата е лек речиси за сè, особено кога станува збор за мали деца. Во секој случај детето би требало да пие чај од камилица доколку има грчеви или болки во стомакот.

Помага при подуеност, при дијареа и осип на кожа, потоа кај заболувања на желудникот и во случаи кога тој е преполн со слуз поради гастритис, поради пореметувања или изостанок на меструација и кај други заболувања на матката и јајниците, како и при несоница, воспаление, грозница, забоболка и болни рани.

Чајот од камилица предизвикува потење, делува смирувачки, од него попушта грч, а покрај тоа делува дезинфекционо и спречува различни видови воспаленија, особено на слузокожата.

Надворешно се употребува за облоги и испирање кај воспаление на очите, при осип кој чеша, потоа за испиеање на усната шуплина при забоболка и за испирање на рани.

Кога сте нервозни, секојпат испијте чај од камилица; ќе се смирите пред нервозата и стресот да му наштетат на вашето срце. Исто така, се препорачува перниче наполнето со сува камилица, да се држи како топла облога на болните места.

Бања од камилица и одмивање на кожата со чај од камилица делува смирувачки. Има особено влијание врз нервниот систем. После тешки болести или состојба на исцрпеност брзо ќе се чувствувате подобро и ќе почувствувате внатрешен мир.

Еднаш седмично мијте го лицето со чај од камилица за добивање за убавина и нега на кожата. Екстрактот од камилица е добар за миење на косата, особено на посветлата. Од неа косата станува мирисна и сјајна.

Камилицата го олеснува празнењето на цревата и на тој начин индиректно ги лекува хемороидите кои можат да се лекуваат и надворешно со употреба на маст од истата билка.

Оваа маст се употребува и за лекување на рани. Инхалација со пареа на камилица придонесува за брзо подобрување кога станува збор за кашлица и воспаление на синусите.

Маслото од камилица се употребува уште од антички времиња – се применува при невралгии и ревматизам на зглобови.

НАЧИНИ НА УПОТРЕБА НА КАМИЛИЦАТА

Приготвување на чај: 1 полна мала лажичка се попарува со 250 мл врела вода и се остава кратко време. Облоги: 250 мл врело млеко се прелива преку една полна лажица камилица, се остава малку да отстои, се процедува и се употребува за правење на топли облоги.

Инхалација: Полна голема лажица камилица се попарува со еден литар врела вода. Пареата се вдишува под пешкир. Перничиња со камилица: Платнени врекички се полнат со сув цвет од камилица и се сошива. Врекичката добро се загрева во сува тава и се става на болното место.

Масло од камилица: една тегла растресено ја полниме со цвет од камилица, свежо набрани на сонце и се прелива со ладно цедено маслиново масло. Маслото треба да ја прекрива камилицата.

Теглата или шишето добро се затвора и се остава на сонце 14 дена. Маслото треба да се чува во фрижидер.

Маст од камилица: 250 г свинска маст се загрева како за печење, па се додава полна рака цвет од камилица. Кога ќе запени, се промешува, се поклопува и се остава преку ноќ во топла просторија. Следниот ден малку загрејте ја смесата и процедете ја низ газа. Складирајте ја во чисти теглички.