Ова е универзална салата за секоја пригода, но некои ја сакаат и како главно јадење. Најубаво е да се сервира во стаклен/транспарентен длабок сад за да се гледаат слоевите. Салатата е совршена!

Потребни состојки:

4 моркови (400 г)
6 компири (500 г)
6 јајца
400 г пилешка салама/шунка/туна од конзерва/варено пилешко
100 г кашкавал
Зелена салата
2 мали главици црвен кромид (50г)
Малку маслиново масло
2-3 прстофат сол

Прелив:

200 г кисела павлака
200 г мајонез
100 г сладок кајмак
5 г сол
црн пипер по вкус

Постапка: јајцата и морковите варете ги по 10 минути, а компирот 15. Потоа ставете ги во ладна вода. Морковот и компирот излупете ги откако ќе изладат. Одвојте ги белките од жолчките.

Исечкајте го црвениот кромид на ситни коцкички, исто и белките, па помешајте ги заедно. Во таа смеса додајте маслиново масло по желба и посолете со 2-3 прстофати сол.

Направете прелив од павлака, кајмак, мајонез, сол и црн пипер, па ставете го во кеса за украсување торти.

На дното од садот наредете зелена салата, па нанесете малку од преливот. Врз тоа ставете рендана салама, па повторно прелив. Па ставете белки со црвен кромид, па само малку од преливот.

Понатаму следат, рендан морков, прелив, рендан компир, прелив и најпосле кашкавал. На крај само изронете ги жолчките и украсете ја салатата по желба.

Оставете ја салатата да отстои во фрижидер барем 4 часа пред послужување.

РЕЦЕПТ ЗА КЛАСИЧНА МИМОЗА

Потребни состојки:

200 г кашкавал
150 г шунка
150 г варен компир
2 варени јајца
1 чашка павлака (180 г)
100 г мајонез

Постапка: Компирот сварете го со лушпа, изрендајте го на крупно па премачкајте го со половина павлака. Преку павлаката нарендајте шунка, па премачкајте со мајонез.

Следно изрендајте едно цело јајце и една белка, а преку тоа 100 г кашкавал. Сето ова премачкајте го со остатокот од павлаката. Одозгора изрендајте 50 г кашкавал, а врз него жолчката.

Како се приготвува Мимоза по оригинален рецепт, погледнете во видеото: