Познато е дека треба да бидете вешти во кујна и да познавате некои готварски тајни за да подготвите вкусно и меко месо кое нема да се тегне под заби и лесно ќе се џвака. При приготвувањето на месото сите се соочуваат со овој проблем.

Денес ќе ви откриеме како да приготвите меко месо кое се топи во уста како локум со една состојка кои сите ја имаме во кујна. Освен тоа, во продолжение прочитајте го и вкусниот предлог за ручек на Драгана.




За да го омекнете месото ќе ви биде потребна една лажичка сода бикарбона. Сода бикарбоната е сеприсутна во домаќинството. На многумина им се познати нејзините корисни својства и мноштвото начини за незјина примена, како во кујната, така во природната медицина и козметиката.




Но, можеби малкумина знаат дека ако се посипе и врз најтврдото месо, тоа за кратко време ќе омекне и од него ќе се зготви најубавото јадење. Всушност, содата ја зголемува рН вредноста на месото со што се овозможува задржување на неговите сокови, а структурата на ткивото се опушта и тоа станува многу меко.




Стариот добар готварски трик гласи вака: наросете го парчето месо од двете страни со сода бикарбона и протријте го. Оставете го во фрижидер да отстои 2-3 часа, а потоа добро исплакнете го под млаз ладна вода. Избришете го со хартиена салветка, па зачинете го со вашите омилени зачини. Тоа ќе се топи во уста кога ќе го зготвите.

 




Во зависност од видот на месото, гответе го според предвидениот рецепт. На пример, тенкото парче шницла можете да го извалкате во малку брашно и на загреано масло да го испржите од двете страни колку да фати убава боичка, а потоа уште 15-тина минути да го издинстате со малку сос. Се чини дека на Драгана и е позната оваа тајна, па таа подготви многу вкусен ручек:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за плех со средна величина): 5-6 тенки шницли јунешко месо од врат, 1 мала лажичка сода бикарбона или по потреба, 1 главица кромид, малку масло, и страк праз, 1 мало парче корен од целер, 1 пиперка, 1 голем морков, малку печурки или зеленлук по ваш избор




ПОСТАПКА: месото наросете го со сода бикарбона, втријте го и оставете го во фрижидер да отстои најмалку половина час. За тоа време пригответе го зеленчукот. Кромидот излупете го и исечете го на тркалца, а плехот намастете го со малку масло, да се прекрие дното.




Сечканиот кромид распоредете го на дното од плехот, па додајте праз исечен на тркалца, корен од целер исечен на поситни парчиња, пиперка исечена на средни парчиња, морков на тркалца, а може да додадете зеленчук по ваш избор или она што имате во фрижидер. Посолете и запиперете.




Месото исплакнете го под млаз вода, зачинете го од двете страни и наредете го врз зеленчукот. Одозгора многу тенко премачкјате ги со сенф. Потоа налијте малку вода (или бело вино) колку да не е суво дното. Поклопете го со фолија и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени.




Ако не го поклопувате со фолија, тогаш повремено проверувајте и долевајте вода. Кога месото ќе биде печено и омекнато, тргнете ја фолијата за да се потпече малку и да фати коричка. После 20 минути можете да додадете и сечкани печурки (шампињони), зашто нив им е потребно многу пократко време за да се зготват.

После 30-40 минути кога ќе заруменат од горната страна, превртете ги и од другата страна и проверете дали има доволно течност, па вратете и допечете. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.