Оваа пита со готови кори навистина со вкусот и изгледот потсетува на домашна пита. Излегува доста, нема да ве разочара. Може да ја филувате со сирење, спанаќ, блитва, зелка, месо, праз, а исто така може да ја приготвувате и во слатка варијанта, па да ја филувате со рендана тиква, јаболка, вишни или нешто по ваша желба.

Потребни состојки: 1 пакување готови кори, 3 јајца, 1 кесичка сув квасец, 1 лажичка шеќер, 2 филџани топло млеко, 2 филџани топла вода, 1,5 филџан масло, сол по вкус и 20-тина лажици брашно. За фил – предлог за оваа пита ќе ви биде потребнат следните состојки по желба: сирење, спанаќ, месо…

Постапка: Најпрво загрејте го млекото да биде млако, а потоа во него додадете една кесичка сув квасец и шеќер (може и една лажица брашно). Промешајте убаво за да се раствори шеќерот, да нема грутчиња од квасецот и брашното, па оставете го квасецот 10-тина минути да се активира и да запени.

Во друг подлабок сад изматете ги јајцата со миксер или жица Матете ги додека убаво да се запенат, побелат и згуснат. Додадете два филџани млака вода и 1,5 филџан масло. Малку посолете, но внимавајте доколку и сирењето е солено. Промешајте со жица за да се изедначи.

Кога квасецот ќе се активира, додадете го и него во оваа смеса па заедно убаво промешајте со жицата за матење. На крај постепено додавајте брашно, бкупно околу 20-тина лажици, постојано мејќи за да нема грутчиња. Смесата треба да биде со густина како онаа за палачинки.

Ставете неколку лажици врз една кора и убаво премачкајте ја со силиконска четка. Врз неа ставете друга кора, па и неа премачкајте ја. Можете да филувате по две или три кори, тоа е по ваша желба. Додадете го приготвеното сирење или филот со кој сте одбрале да ја филувате питата, па свиткајте како што е прикажано во видеото подолу.

Најпрво превиткајте ги по 1,5 см сите краеви, па од страната на филот свиткајте ја ролната. Редете во тепсија како полжав со надоврзување на секоја ролна. Со остатокот од смесата премачкајте ја целата пита и ставете да се пече во загреана рерна на 150 степени околу 10 минути, а потоа зголемете ја температурата на 180 степени и печете додека да зарумени.

Целата постапка можете да ја погледнете во видеото: