Погледнете како брзо и лесно се приготвуваат тулумби исти како од слаткарница. Овој колач е пржено-варено тесто натопено во шеќерен сируп. Најпознатиот балкански колач кој сите го сакаат.

Потребни состојки: 500 мл вода, 50 г путер или маргарин, 5 г сол, 350 г брашно
20 г скроб/густин, 30 г гриз, 5-6 јајца. За шербет: 1 кг шеќер, 700 мл вода, 20 мл лимонов сок. За пржење: 1 литар масло

Постапка: Најпрво пригответе го шербетот: во еден сад на оган измешајте го шеќерот и водата, па додадете две лажици лимонов сок. Откако ќе зоврие варете уште пет минути, па тргнете на страна и оставете да излади.

Во друг сад на оган ставете половина литар вода, 50 г путер и една лажичка сол. Кога ќе зоврие додадете 350 г брашно и мешајте додека да се свари тестото, односно да се формира во топка. Тргнете го на страна и оставете го целосно да излади. Повремено промешувајте го за побрзо да излади.

Изладеното тесто замесете го со рака и додадете му 30 г гриз и 10 г скроб, па постепено додавајте едно по едно јајце. Матете со миксер или месете со рака, додека да ги потрошите сите јајца. Тестото е готово кога ќе стане сјајно, па според тоа ќе оцените дали се доволни 5 или 6 јајца.

Смесата префрлете ја во шприц за тулумби со продолжеток од 12 мм. Во големо теџере-тепсија ставете масло па во него исечете ги тулумбите. Оставете простор помеѓу нив затоа што при пржењето тие ќе нараснат. Пржете ги на умерена температура додека убаво да заруменат од сите страни. Со решеткаста лажица вадете ги и ставајте ги во шербетот.

Потоа оставете маслото да излади, па повторете ја постапката. Во меѓувреме испржените тулумби промешаје ги бо шербетот убаво да се натопат, па извадете ги во посебен сад. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото: