Не знам зошто се вика Јапонски ветер, но знам дека е многу вкусна. Старинска торта со сушени кори и кремаст фил во кој се ставаат мелени ореви или лешници.

Потребни состојки за една кора:

7 белки
350 г кристал шеќер
1 лажица оцет
Потребни се двојни количини, односно, се прават две кори.
Плех 33х24 см

за фил1:

1 литар млеко
3 пудинг од ванила или вкус на слатка павлака
14 жолчки
250 г путер или маргарин
300 г мелени ореви или лешници (може и 150 г ореви + 150 г мелени плазма кекси)
10 лажици шеќер

за фил 2:

400 мл слатка павлака
декорација по желба

Постапка:

Веднаш на почетокот вклучете ја рерната да се загрева на 150 степени, без вентилатор. За приготвување на корите потребни ви се вкупно 14 белки, но задолжително јајцата треба да бидат оставени на собна температура.

За 1 кора: 7 белки одвојте ги од жолчките и изматете ги додека да станат пенасти. Во цврстиот снег постепено додавајте 350 г шеќер и продолжете да матите додека тој целосно да се растопи. Пред крајот додадете една лажица лимонов сок или оцет и продолжете со матење.

Добиената сјајна и цврста смеса од белки, која не паѓа од лажица, рамномерно распоредете ја во плех со димензии 33х24 см претходно обложен со хартија.

Ставете да се пече, односно да се суши во рерна загреана на 150 степени и веднаш намалете на 100 степени. Кората треба да се суши 1-1,5 час и за тоа време никако не смее да се отвора, бидејќи кората ќе спласне. Направете две вакви кори.

За фил: Од литар млеко одвојте сосем малку за да се размати пудингот, а остатокот ставете го на оган. Посебно изматете ги жолчките со 10 лажици шеќер. Матете со жица, па во жолчките додадете го изматениот пудинг и промешајте за да се изедначи смесата. Полека додавајте ја во врелото млеко на намалена температура и постојано мешајте додека да се свари и згусне. Сварениот крем оставете го целосно да излади.

Путерот отстоен на собна температура пенасто изматете го, па соединете го со целосно изладениот крем. Во оваа смеса додадете мелени ореви или лешници (или мешавина) и изматете со миксер за да се добие изедначен крем. На страна изматете слатка павлака околу 400 мл (или шлаг).

Редење: на тацна за сервирање ставете ја првата кора, па врз неа распоредете ½ од кремот, а врз кремот ½ од изматената слатка павлака или шлаг. Потоа ставете ја втората кора, ½ од кремот, ½ од шлагот. Оставете ја во фрижидер, а потоа декорирајте ја по желба. Деталите можете да ги погледнете во видеото: