Рецепт и видео презентација на Гурман Тв – Фантастичен рецепт за Рафаело и Фереро Рошер топчиња. Ова се најпознатите ситни колачиња – бомбици кои се јадат во еден, максимум два залака за подолго уживање. Вкусот е неодолив и ретко кој може да се задржи само на едно колаче.

Постапката за приготвување ќе се изненадите колку е брза, лесна и едноставна. нема да ви одземе многу време нивното приготвување, освен што за ладењето без прелив се потребни половина час, а потоа и готовиот производ треба да се лади дополнителни половина час. Но, уживањето е непроценливо!

Потребни состојки за РАФАЕЛО: 250 г обланди (“наполитанки”) со вкус на ванила, 50 г пржени (тостирани) бадеми и 100 г кондензирано млеко. За премачкување на рафаело топчињата ќе ви биде потребно: 100 г кокосови снегулки и 50 г кондензирано млеко.

Потребни состојки за ФЕРЕРО РОШЕР: 250 г обланди со вкус на какао, 50 г пржени несолени (тостирани) кикирики и 100 г нутела (ако немате нутела, тогаш некој друг лешников крем). За премачкување: 100 г млечно чоколадо, 30 г путер и 50 г пржени кикирики.

Постапка: Во блендер за мелење или “сечко” искршете ги облнда-кексите со вкус од ванила, а потоа ситно сомелете ги (внимавајте да не претерете, доволни се два-три “пулса” колку да се сомелат, а да не се изгмечат и претворат во тесто).

На ист начин сомелете ги и обландите со вкус на какао. Од двата вида наполитанки потребни ви се по 250 г. Во белите мелени обланди додадете 100 мл кондензирано млеко, а во чоколадните обланди додадете 100 г течна нутела (ако е цврста, растопете ја во микробранова печка или на пареа).

Обете смеси посебно измешајте ги добро со лажица додека да добиете изедначена смеса со структура слична на влажен песок. Веднаш можете да започнете со формирање на топчињата. За тоа ќе ви биде потребно малку да ги намастите дланките за да не ви лепи смесата.

Подгответе и 50 г тостирани бадеми, 50 г тостирани кикирики и 20 мл масло. Црпнете една лажица од белата смеса и ставете ја во дланката, палку сплескајте ја, ставете во средината еден бадем, затворете, па со помош на двете дланки формирајте правилно топче.

Пред секое формирање на нова бомбица, малку намастувајте ги дланките со маслото. Постапката повторете ја со целата смеса додека да ви се потрошат состојките, а приготвените топчиња редете го во чинија обложена со проѕирна фолија или хартија.

Како што се приготвуваат Рафаело топчињата, идентично се приготвуваат и Рошер топчињата: црпнете една лажица од чоколадната смеса, ставете ја во намастената дланка, во средината ставете тостирата кикирика, затворете и формирајте топче со дланките.

Вака приготвените Рафаело и Рошер оставете ги во фрижидер да се ладат половина час за да се стегнет добро. Следи завршниот дел: сто грама искршено чоколадо (или чоколадни “снегулки”) прелијте ги со 30 г растопен путер, па промешајте додека да добиете течна чоколадна глазура.

Додадете 50 г крупно мелени/кршени тостирани кикирики и промешајте за да се изедначи смесата. Секое чоколадно топче потопувајте го во оваа чоколадна глазура со кикирики да се обложи од сите страни, па со помош на две виљушки вадете ги врз хартија.

За Рафаело топчињата потребно е да ги потопувате во кондензирано млеко, а потоа да ги валкате во кокосово брашно/снегулки. И за овие точиња помагајте си со две виљушки. Кога се готови ставајте ги врз чинија обложена со хартија.

На крај останува само уште Рафаело и Рошер топчињата да ги оставите во фрижидер добро да се изладат, најмалку половина час, а потоа да уживате во нив. Воздржете и не ги изедувајте сите. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.