Традиционално македонско јадење кое се приготвува во Битола, Прилеп, Кичево и други градови ширум Македонија. Питата се послужува топла со парче сирење и кисело млеко или јогурт. Рецепт и видео презентација на Том Филос.

Македонски зелник-пита / Том Филос

Потребни состојки: 700 г брашно, 10 г сув квасец+1 лажичка шеќер+50 мл вода, 1 лажица сол, 450 мл млака вода, 250 г маргарин/путер за премачкуавање. За фил: 500 г млад кромид, 500 г сирење и 2 јајца

ПОСТАПКА: Најпрво пригответе го филот: на загреано масло пропржете 500 г млад кромид исечкан на тркалца. Пржете го неколку минути додека да омекне. Оставете го настрана да излади, па соединете го со половина килограм бело издробено сирење.

Во смесата додајте и две јајца за да се поврзат состојките. Во поголем сад за месење ставете 700 г просеано брашно и 10 г сув квасец (доколку користите свеж квасец, тогаш растворете го во малку млака вода, со лажичка шеќер и брашно, па оставете на топло да се активира 10-тина минути).

Во брашното додајте 1 лажица сол, па постепено започнете да додавате 450 мл млака вода, односно по потреба. Месете го тестото со миксер кој има специјални продолжетоци, или измесете го рачно додека да добиете мазно и еластично тесто кое не се лепи на раце.

Добиеното тесто поделете го на два дела, од кој едниот треба да биде поголем од другиот дел (за една долна и една горна кора). Коцка путер од 250 г поделете ја одокативно на три делови и оставете да омекне.

Македонски зелник-пита / Том Филос

Со оклагија развлечете ја едната топка тесто. Кората премачкајте ја преку целата површина со една третина од путерот. Потоа засечете ја со зраци, па диплете ги парчињата едно врз друго, како за лиснато тесто (погледни видео).

Тестото оставете го 15 минути во фрижидер да се стегне. Истата постапка повторете ја и со второто тесто, па и него оставете го 15 минути во фрижидер откако добро ќе го спакувате (со оваа постапка се добива разлистано тесто).

Плехот од рерна намастете го со малку масло. На добро набрашнета површина развлечете ја поголемата кора со помош на оклагија. Кората треба да биде нешто поголема од плехот во кој ќе се пече.

Македонски зелник-пита / Том Филос

Нанесете го филот од сирење и млад кромид, па одзгора нанесете ја кората од помалото тесто. Направете витки од долната кора, а одозгора премачкајте со преостанатиот путер. Ставете да се пече во добро загреана рерна на 230 степени околу половина час или додека убаво да зарумени.

Печениот зелник покријте го со крпа неколку минути (15-20 мин) додека да подизлади и да омекне. Потоа сечете го и послужете го со чаша јогурт или кисело млеко. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.