Густ сок од јаболко и морков, здрав и без конзерванси, потсетува на соковите од Фруктал

Ова е основната верзија за сокот кој со години го правам, а овошјето го менувам во зависност од сезоната.

Го комбинирав со кајсии, праски, круши, дуњи… Секој си е вкусен сам по себе, а многу потсетуваат на скапите сокови на Фруктал, само овие се сепак домашни и без конзерванси, па уште ако имате домашно непрскано овошје…мммм

Потребни состојки:

Околу 5 кг исчистени и излупени јаболка (или овошје по ваша желба или комбинирано)

500 г – 1 кг моркови (морков ставам само кога правам сок од јаболка, круши или дуњи, поради бојата)

Loading...

1,5 кг шеќер (кој не сака нека стави замена, како стевија на пример)

лимонска киселина

вода

Постапка:

Овошјето исчистете го и исечкајте го на парчиња, па ставете го со вода на тивок оган да се вари. Истото направете го и со морковот. Јас морковот го готвам посебно бидејќи малку подолго се готви од другото овошје.

Кога се варени јаболката и морковите, оставете ги да изладат. Можете да додадете ладна вода за побрзо да изладат. Потоа измиксајте ги во блендер, јас користам соковник зошто ми го прави сокот како купечкиот.

Измерете колку сте добиле течност (овошјето и водата во кое се готвеше), па додадете онолку вода колку што е потребно за да добиете околу 19-20 литри сок.

Додадете 1,5 кг шеќер и околу 80 г лимонска киселина. Мешајте и пробајте дали ви одговара, бидејќи секое овошје не е еднакво кисело ниту слатко.

Ставете на оган, колку еден клуч да се направи и да се растопи шеќерот, а пената не мора да ја тргате.

Во меѓувреме измијте ги шишињата, стерилизирајте ги во топла рерна и спремете си соодветни чепови со кои убаво ќе се затворат шишињата.

Топлиот сок складирајте го во топли шишиња, затворете ги и оставете ги затоплени додека да изладат.

Овој сок иако нема многу шеќер (на 20 литри не е многу 1,5 кг шеќер) и нема конзерванси, сепак може да се сочува со месеци.

Сигурно дека најздрав е свежиот сок кој ќе го исцедите пред да го испиете, но и овој сок содржи многу хранливи материи и особено го сакаат децата зошто во секој миг си имаат готов да си стават во чаша и да си пијат. Многу е вкусен.

Loading...