Рецепт и видео презентација на Милин Готвач – Гулаш со црно вино. Ова е нешто посебно…Ова јадење се готви долго и трпеливо. не постои брз начин за да се направи добар гулаш. Можеби тоа брзо јадење ќе биде многу вкусно, но никогаш нема да биде гулаш.

Кога гулашот се готви неколку часови, тој добива некоја извонредна моќ да ви го разубави денот. И затоа ќе сакате секој ден да ви се крчка гулашот во вашата кујна.

ГУЛАШ СО ЦРНО ВИНО – Потребни состојки: 700 г свински и јунешки врат, 2 главици кромид, 1 морков, 400 мл доматен сос, 50 мл масло, 200 мл квалитетно црвено/црно вино, по вкус: сол, црн пипер, ловоров лист, толчена пиперка, босилек, лук, слатка пиперка.

Постапка: месото измешајте го со брашно, а во поголемо тенџере загрејте масло. пропржете го месото со брашното на загреано масло. Потоа додадете ги сите преостанати состојки и добро промешајте. Оставете да проврие, па налијте литар топла вода.

Промешајте и поклопете. Намалете ја температурата и варете три часа со повремено промешување. Гулашот е готов кога фино ќе згусне. Можев пишувањето на овој рецепт да го искомплицирам и да ве удавам со детали, но навистина вреди да го испробате.

Кога еднаш гулашот ќе го зготвите, ќе знаете дека вредел сиот труд. немојте да се обидувате да го сварите набрзинка, нема да излезе тоа – тоа. Сите детали околу подготовката на овој рецепт можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ, а подолу прочитајте уште еден рецепт за гулаш во вино.

Гулаш е едно од најомилените јадења „на лажица“. За да зготвите вкусен, густ и ароматичен гулаш, покрај доброто парче месо ви треба и соодветна количина на кромид, бидејќи токму тука лежи тајната на густината на гулашот.

Обично се вели дека во гулашот треба да има онолку кромид колку што има и месо! Освен што треба да внимавате на количината на кромид, секако треба да внимавате и на самиот процес на пржење кромид. Кромидот никако не смее да загори бидејќи тоа ќе му даде горчлива нота на гулашот.

Со виното дополнително се нагласуваат аромите, па така можете да користите бело или црвено вино. Виното, освен на аромата, ќе влијае и на самата боја на гулашот, односно со црвеното вино ќе постигнете и потемна боја. Иако гулашот е изворно унгарско традиционално јадење, добро познато и ширум распространето е и на нашите простори.

Потребни состојки: 500 г јунешко месо од плешка, 500 г кромид, 75 г концентрат од домати/доматно пире, 500 мл вода, 200 мл бело или црвено вино, 250 г компири, половина лажичка ким, 2-3 ловорови листови, 2 лажички црвена мелена пиперка, 50 мл масло, сол

Постапка: Исечете го месото на коцки со приближно иста големина, па пропржете го во подлабок сад на добро загреано масло. Извадете го запрженото месо од садот и оставете го на страна.

Во истото масло пропржете го ситно исечканиот кромид, околу 6-7 минути додека да омекне и застакли, па вратете го месото и зачинете со ким и ловорови листови. Продолжете со динстање, полевајќи го месото со малку вода.

Гответе на тивок оган околу 90 минути. Потоа посолете го јадењето, додајте црвена мелена зачинска пиперка и концентрат од домати, па додадете го виното и компирот исечкан на коцки. Продолжете да готвите уште 30-40 минути додека компирот да се свари.