Редена гибаница од готови кори, залиена со јајца и јогурт. Така сочна и вкусна, што не може да се опише, мора да се проба!

Потребни состојки: 500 г дебели кори за пита, 400-500 г ситно сирење, 1 лажичка сол, 4 јајца, 200 мл јогурт, 100 мл вода, 100 мл масло

Постапка: Вклучете ја рерната на 200 степени. Поделете ги корите на три дела. Намастете ја тепсијата, па наредете го првиот ред кори, но секоја кора мора да се испрска со малку масло.

На последната кора ставете половина од сирењето и убаво распоресете. Наредете го вториот слој кори, исто така прскајќи ја секоја кора со масло, па ставете го вториот дел од сирењето. Одозгора поклопете со третиот слој кори, исто така прскајќи ги со масло.

Веднаш исечете ја со остар нож на коцки. Изматете ги јајцата, јогуртот, солта и водата. Добро изматете за да се соедини сето убаво. Прелијте убаво преку исечените коцки и малку протресете и навалете ја тепсијата лево-десно за да помине насекаде. Или пак помогнете со придвижување на вилјушката за да може насекаде да навлезе.

Целиот прелив треба убаво да навлезе во корите. Ставете да се пече 30 минути, односно додека да добие убаво златно жолта боја. Извадете ја готовата гибаница од рерна па преку тепсијата префрлете на крпа и оставете така да отстои 10 минути. Послужете ја топла.