Шербетни стапчиња кои се прават од само неколку состојки, а потоа можете да ги јадете со уживање. Моите дечиња најмногу ги сакаат особено кога покрај нив ќе им ставам чоколаден крем или ќе растопам чоколадо, па стапчињата ги макаат во нив.




Тестото се замесува многу едноставно, не се прави долго како обичното тесто за печива. Готови се за неполни половина час. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г брашно, 2 големи лажици шеќер, прстофат сол, 2 големи лажици путер, 1/3 чаша од 250 мл вода, масло за пржење. И уште: 1/2 чаша шеќер и 1/4 чаша вода. За шербетот како мерка исто се користи чаша од 250 мл.




ПОСТАПКА: Во еден сад ставете го брашното, веднаш потоа додајте 2 големи лажици шеќер и нежно промешајте. Наросете прстофат сол, колку што ќе ви се фати помеѓу два прсти. Настрана растопете го путерот и додајте 2 големи лажици од него.




Смесата убаво измешајте ја и на крајот додајте 1/3 чаша обична вода. Тестото се замесува со рака. Најпрво ќе стане со погуста конзистентност која лесно се соединува, а доколку продолжите да го месите ќе забележите дека ќе се формира фино, тврдо тесто.




Покријте го тестото со сад или со фолија и оставете да одмори 15-тина минути. Тестото нема да порасне за ова време, не содржи квасец, туку ќе биде полесно за развлекување по отстојувањето.




По изминатото време, тестото развлечете го со оклагија на рамна површина најтенко што можете, а потоа пресечете ги краевите за да се израмни. Тие може да ги искористите подоцна, со повторно развлекување, па да ги пресечете во ленти.




Разлеченото тесто се дели на тенки ленти, отприлика од половина сантиметар, а потоа тие ленти на половина, треба да имаат големина приближно на помфрит. Стапчињата се пржат во загреано масло околу 10-12 минути додека убаво да заруменат на среден оган.




На крајот растопете го шеќерот со водата на рингла, не треба да карамелизира, само да се направи течен шербет. Во шербетот се додаваат оладените стапчиња и се мешаат додека да го апсорбираат шеќерот и станат сјајни. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.