Фотографија и рецепт на Ленче Гогова – Гасеници.

Рецептот за ова преубаво печиво со облик на Гасеница го објави нашата драга членка Ленче Гогова во групата НМД рецепти. Вкусна и мека како памук, оваа погача сите ја сакаат. Ако досега не сте ја пробале, задолжително да ја направите. За првпат во оваа група рецептот беше објавен од нашата драга членка Габриела Миленкоска – Овде.

Погачата ја филувате по ваш вкус, односно со сирење и блитва, месо, шунка и кашкавал… Во продолжение можете да прочитате адаптиран рецепт, а под него и оригинален турски рецепт со видео.

РЕЦЕПТ 1 – Потребни состојки: 200 мл вода, 200 мл јогурт, 25 г свеж квасец, 1 лажица шеќер, 1 лажичка солл, 100 мл масло и околу 700 г брашно

Постапка: Во еден сад ставете ја млаката вода, квасецот и шеќерот. Оставете 10-тина минути за да се активира, па додадете јогурт (на собна Т), масло, сол и брашно. Замесете го тестото кое не се остава да стасува, туку добро се изработува така што топката тесто се фрла на работната површина 50-60 пати.

Потоа тестото поделете го на 10 топки. Секој дел развлечете го во елипсовидна кора со должина од 28 см, а ширина 10 см. Од едната страна се сечат ленти, но не до крај, се филува по вкус и се витка во ролат како гасеница. Се редат во плех но не залепени една до друга, затоа што при печењето ќе нараснат. Се остава да стасува половина час, па се пече во загреана рерна на 180 степени додека да добие златно-жолта боја.

РЕЦЕПТ ОД ВИДЕО: Потребни состојки: 1 коцка свеж квасец, 2 лажици шеќер, 2 чаши (од 200 мл) млеко, 1 чаша масло, 2 белки, 1 голема лажица путер (околу 50-70 г), 1 лажица сол, 5,5 чаши брашно или по потреба, 2 жолчки за премачкување и фил по избор

Постапка: Една коцка свеж квасец издробете ја и прелијте ја со две чаши (од 200 мл) млако млеко и две лажици шеќер. Промешајте убаво за да се растопат шеќерот и квасецот. Потоа додадете една чаша масло, две белки од јајце, па уште еднаш промешајте за да се изедначи.

Потоа додадете 70 г омекнат путер на собна температура и една полна лажица сол. Измешајте со рака, па започнете постепено да го додавате брашното, вкупно 5,5 чаши или по потреба. Тестото убаво измесете го на работна површина додека да стане еластично и да не се лепи на рака.

Тестото оставете го покриено на топло место додека да ја удвои величината, а потоа премесете го и поделете го на пет еднакви топчиња. Од секое топче со помош на сукало или оклагија формирајте долгнавеста правоаголна кора. На едната половина од кората направете засеци, а на другата нанесете фил.

Свиткајте во ролат како долга гасеница. Вака приготвените ролати редете ги во плех обложен со хартија за печење. Оставете некое време да стасаат, а потоа премачкајте ги со изматени жолчки. Одозгора наросете со сусам, ким или семки по желба. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.