Фрејзер торта е традиционален класичен француски десерт со свежи јагоди. Неговото име потекнува од францускиот збор „Fraises“ што значи јагоди. Овојпат направете ја според рецептот на Кате, на едноставен начин и со состојки кои секој може да си ги дозволи. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за пандишпан, калап 24 см: 2 јајца, 60 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (8-10 г), 50 г брашно, 25 г скроб/нишесте, 1 прстофат сол, 1 супена лажица масло. За прелив: 200 г јагоди, 100 мл вода, 10 г желатин, 4 супени лажици вода. И уште: 600 г јагоди и неколку за декорација

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за крем: 4 жолчки, 130 г шеќер, 400 мл млеко, 120 мл слатка павлака, 20 г скроб/нишесте, 1 кесичка ванилин шеќер (8-10 г), 400 мл слатка павлака, 20 г желатин и 8 супени лажици вода.

ПОСТАПКА: најпрво пригответе го кремот за да има време да се олади. Во тенџере сипете ги жолчките и измешајте ги со шеќерот. Додајте го млекото и мешајте додека да се растворат жолчките и шеќерот. Додајте ја слатката павлака, скробот и ванилата, па повторно промешајте.

Кремот сварете го на умерена температура со непрекинато мешање додека да ја постигне посакуваната густина. Покријте го со проѕирна фолија и оставете целосно да се олади до собна температура. За тоа време пригответе го пандишпанот:

Пенасто изматете две јајца со прстофат сол, па додајте го шеќерот и ванилата, и продолжете со матење додека смесата да згусне како шлаг. Додајте просеано брашно, изматете, па скроб и повторно изматете. На крај додајте една лажица масло.

Добиената смеса излејте ја во калап (24 см) со флексибилен обрач, претходно обложен со хартија за печење. Израмнете, протресете го калапот за да излезат меурчињата, па печете 15 минути во претходно загреана рерна на 180 степени. Оставете целосно да се олади пред да го отстраните обрачот.

Пандишпанот поставете го врз десертна чинија и поставете флексибилен обрач. Пенасто изматете 400 мл слатка павлака додека да добиете шлаг. Желатинот потопете го со вода и промешајте за да се раствори, а потоа истурете го во оладениот крем и промешајте.

Кремот истурете го во изматениот шлаг. Мешајте со шпатула додека двете смеси да се соединат и изедначат во нежен и свиленкаст крем. Покрај обрачот наредете лентички од исечени јагоди, а потоа покријте ја и целата површина на пандишпанот, за што ќе ви бидат потребни приближно 600 г јагоди.

Врз јагодите сипете го сиот крем и израмнете. Тортата оставете ја да отстои во фрижидер еден час, а потоа пригответе го овошниот прелив: во тенџере сипете ги исечканите јагоди заедно со водата, а потоа со рачен блендер измиксајте ги во каша. Згответе ја кашата на умерена температура, а штом се појави пена, додајте го растворениот желатин.

Промешајте и оставете повторно да зоврие, па тргнете го тенџерето настрана и оставете да се лади 10 минути. Потоа сипете го врз тортата. Вратете ја на ладење во фрижидер уште најмалку 6-8 часа или најдобро преку цела ноќ. Декорирајте по желба. Видеопрезентацијата на Кате погледнете ја ОВДЕ. ПРОЧИТАЈТЕ – ФРЕЈЗЕР ТОРТА: Совршена комбинација од чоколадо и јагоди, сите го изедоа ручекот набрзина, за да дојде тортата на ред за дегустација – ОВДЕ.