„Проја“ или „пројара“ се составен дел од нашите трпези кои нè враќаат во детството и редовно се приготвуваа за празниците. На сите ни е пријатно кога куќата ќе ни замириса на ова тесто од пченкарно брашно. Не само што е вкусно, туку и многу здраво за стомакот. Во продолжение следат два рецепти, еден за „проја“, а друг за „пројара“ за кој има и видеопрезентација.
Дали знаете која е разликата помеѓу „проја“ и „пројара“? ПРОЈА е стара и едноставна верзија на пченкарен леб направен само од пченкарно брашно, вода и сол и нема никакви други додатоци. Пченкарното брашно се меша со топла вода и сол, се излева во плех и се носи на печење.
Позната е уште и како „селска проја“ која луѓето во минатото ја правеле од немаштија, а сега е една меѓу признаените специјалитети. Еве еден рецепт за вистинска „селска проја“, како што ја правеле некогаш:
РЕЦЕПТ 1 (ПРОЈА) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: во 400 г пченкарно брашно сипете приближно 200 мл млака вода со разматен прашок за печиво (10 г) и една лажичка сол. Смесата треба да биде изедначена, нешто погуста од онаа за палачинки. Сето со лажица измешајте и сипајте во тепсија намастена со маст или растително масло.
Ставете да се пече во однапред загреана рерна на 230 степени, 15-20 минути или додека на површината да се појави темнокафеава коричка. Испечената проја испрскајте ја со малку вода, покријте ја со кујнска крпа и оставете ја така малку да се подизлади пред послужувањето. Следи рецептот за ПРОЈАРА според Јелена Петровиќ:
РЕЦЕПТ 2 (ПРОЈАРА) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 50 г бело (лебно) брашно, 50 г гриз, 150 г пченкарно брашно, 100 мл газирана вода, 200 мл јогурт, 200 г сирење, сол по вкус, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 70 мл масло
ПОСТАПКА за рецепт 2: во посебни садови одвојте ги белките и жолчките од 3 јајца. Белките пенасто изматете ги со прстофат сол додека да добиете цврст шаум, а потоа додајте ги жолчките и полека промешајте со шпатула додека да се соединат. Потоа додајте просеано 50 г лебно брашно помешано со 10 г прашок за печиво.
Потоа додајте 50 г гриз и 150 пченкарно брашно, 1 чаша (200 мл) течен јогурт, 200 г ситно сирење или урда и 70-100 мл масло за готвење, посолете, малку промешајте и на крај постепено додајте 100 мл газирана вода или по потреба.
Мешајте со лажица или кујнска шпатула сè додека состојките да се изедначат и да добиете хомогена смеса. На крај во смесата додајте и неколку коцки сирење по вкус, за да се гледаат во погачата при пресек. Тепсија (22 см) обложете ја со хартија за печење и излејте ја целата смеса во неа.
Рамномерно распоредете, израмнете и протресете ја тепсијата, одозгора посипете сусам, ленено семе или некои семки по желба, па ставете да се пече 50 минути во претходно загреана рерна на 200-210 степени. Деталите од постапката можете да ги погледнете ОВДЕ.