Ова е еден од оние рецепти кои се приготвува од многу малку состојки кои веќе ги имаме дома, а се добива многу вкусен колач и тоа за многу кратко време. Затоа, запишете си ги двата рецепти и направете ги веднаш, при првата можност.

рецепт 2

Од првиот рецепт ќе добиете неодоливо вкусен и сочен колач кој спаѓа во т.н. „мокри“ колачи кој можете да го сечете, но и да го јадете со лажица како крем. Нема човек кој не го воодушевил.

Од вториот рецепт ќе добиете јаболково-чоколадна фантазија, колач со скриени јаболка кој може да се приготви на два начини, а толку многу е вкусен што сите ќе ви бараат рецепт. Еве што ви е потребно:

рецепт 1




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за бисквит: 2 жолчки, 200 г шеќер, 200 мл масло, 2 супени лажици какао во прав, 3 лажици џем од јаболка (или кајсии или каков имате), 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 300 мл млеко, 200 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г). За фил: 4 јаболка, сок од 1/2 лимон, 2 белки, 200 г шеќер. За глазура: 150 г чоколадо, 50 г путер, 1 лажица масло (или ганаш: 150 г чоколадо + 200 мл слатка павлака)

рецепт 2

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 јајца, 1 чаша (од 200 мл) шеќер, 1 чаша (од 200 мл) масло, 250 г брашно, 30 г какао во прав, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), малку рум за вкус. За фил: 3 јаболка, 150 г шеќер, 100 мл вода, 3 лажици рум, 200 г путер, 100 г чоколадо. За глазура: 100 г чоколадо, 50 г путер, 2 лажици масло




ПОСТАПКА за рецепт 1: Пенасто изматете ги жолчките заедно со шеќерот додека тој да се растопи и да се добие густа, кремаста светла смеса. Додека непрекинато матите, во тенок млаз додајте го маслото, а кога ќе се инкорпорира додајте го млекото, а потоа и џемот.




Добро изматете, па кога ќе се изедначат влажните состојки, започнете постепено да ги додавате сувите состојки, претходно помешани и просеани. Најдобро е да ги додавате постепено и да мешате со кујнска жица-маталка или со лажица, за да се сочува пенливоста на смесата.




Добиената смеса излејте во претходно намастен и набрашнет калап со средна големина (20х30 см или слични димензии). Рамномерно распоредете, израмнете и потчукнете го плехот од масата, па ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени, 15-тина минути.




Додека се пече бисквитот, излупете ги јаболката, изрендајте ги на крупната страна од рендето и натопете ги со свежо исцеден лимонов сок (од половина лимон) за да не потемнуваат. Настрана пенасто изматете ги белките со постепено додавање на шеќерот.




Матете доволно долго додека да добиете цврст снег кој не паѓа од садот кога ќе го превртите. Додајте ги процедените јаболка и бавно промешајте со шпатула додека да се изедначат. После 15-тина минути извадете го бисквитот од рерната, па премачкајте го со филот од белки и јаболка.




Распоредете рамномерно, израмнете и вратете назад во рерна и продолжете со печење приближно 25 минути. Печениот колач треба да е малку влажен, па доколку го проверувате со чепкалка, кога ќе ја извадите можеби ќе има некоја мала трошка на неа.




Оставете го да се олади, па прелијте со глазура(на пареа растопете го чоколадото со путерот и додајте лажица масло). Можеби на овој колач повеќе му одговара ганаш наместо обична чоколадна глазура:

-загрејте ја слатката павлака со чоколадото искршено на коцки, но не дозволувајте да зоврие. Прелијте и оставете да се олади, а ако немате трпение, колачот може да се јаде и топол. Следи постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 2: Изматете ги пенасто јајцата со шеќерот и ванилата додека да згуснат. Додајте масло, какао и брашно помешано со прашок за печиво. матете бавно со миксер или со шпатула додека да се изедначат состојките. Смесата излејте ја во калап 20х30 см обложен со хартија за печење.




Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 30-тина минути. Бисквитот извадете го да се олади на решетка, па пресечете го на половина, а горната половина изронете ја во трошки. За тоа време пригответе го кремот, кој може да се направи на два начини:

Варијанта 1: исечканите јаболка сварете ги во 100 мл вода со шеќер и рум. Оставете да се оладат, па сомелете ги со рачен блендер. Пенасто изматете го омекнатиот путер и додајте го растопено чоколадо. Потоа додајте ги блендираните јаболка и изронетата половина од тестото.

Варијанта 2: исечканите јаболка сварете ги во 100 мл вода со шеќер и рум. Сомелете ги со рачен блендер, па додека се топли додајте ги чоколадото и путерот да се растопат и соединат. На крај додајте ја изронетата половина од бисквитот и сето убаво промешајте го за да се соедини.

Долниот дел од тестото вратете го во калапот, а врз него рамномерно распоредете го кремот. Одозгора прелијте со чоколадна глазура (сите состојки растопете ги на пареа). Колачот изладете го пред послужување. / Сооlinarika.сom