Фото и рецепт: Марија Херац

Потребни состојки:

500 мл млеко
1 квасец
1 лажичка шеќер
2 лажички сол
10 лажици масло
1 кг брашно

За премачкување:

250-300 г маргарин или маст
4 лажици шеќер или повеќе
3 јајца

(некои ги премачкуваат со фил од 300 мл растопена маст и околу 500 г шеќер, а може и малку цимет да се стави)

Постапка:

Загрејте го млекото да биде млако. Издробете го квасецот, додадете шеќер и промешајте. Оставете на топло да се активира.

Во еден сад просејте половина од брашното, може да додадете и една лажичка прашок за печиво. Додадете сол и масло и активираниот квасец.

Смесата добро соединете ја, па кога ќе се изедначи, додавајте постепено брашно по потреба. Замесете меко тесто, да не се лепи на рацете. Поделете го два или три дела.

Топките од тесто со дланките развлечете ги да бидат со дебелина од 2 см и покријте ги и оставете ги да стасуваат додека да се удвојат.

Кога тестото ќе стаса, префрлете го на работна површина прекриена со чаршав за тегнење кори. Тестото малку сплескајте го и премачкјате го со маст или маргарин. Потоа започнете полека да го растегнувате со рацете, започнувајќи од средината кон крајот. Внимавајте да не ви се искине.

Кога кората ќе ја развлечете наросете ја со масло или растопена маст и преку целата површина со шеќер, или пак, премачкајте ја со фил: изматена маст со шеќер и три јајца.

Кората свиткајте ја во ролна, така што од едниот крај ќе го поткренете чаршавот, и ќе оставете кората да се истркала и свитка до средината. Истото ќе го направите и од другата страна, а двете ролни потоа ќе ги разделите со пресекување на кората помеѓу нив.

Ролните навиткувајте ги околу некој ваљак, а традиционално се виткаат околу пченкарна гранка/стап. Кога ќе дојдете до крајот, пресечете го тестото, па продолжете ја постапката додека да се потрошат сите ролни.

Федер кифлите редете ги во обложена тепсија и оставете ги да стасаат околу половина час. Печете ги во загреана рерна на 200 степени додека убаво да заруменат. Кој сака, пред печењето може да ги премачка со јајце.

Фото и рецепт: Марија Херац