Најмногу ја сакаме сезоната на јагоди, затоа што со свежо овошје се приготвуваат највкусните десерти каква што е оваа рафаело торта со кокос. Ако не сте ја пробале досега, тогаш не пропуштајте ја, зашто има вкус-фантазија, а ние често ја нарекуваме „чудо од рафаело“.
Рецептот првпат го видов во видеопрезентацијата на Наташа, а долго го барав откога ја пробав тортата на еден роденден. Не знаев како се вика, но нежниот крем до ванила и освежителниот вкус од јагоди помеѓу меките пандишпани, никогаш не го заборавив.
Секако, може да се користи и смрзнато овошје или други бобинки по желба. Ја имам приготвено со малини, боровинки и вишни, но не можам да издвојам ниту еден како најдобар. Секое овошје си има свој посебен вкус и убавина. Првпат го направив со јагоди, па така и ми е запишан. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за пандишпан (за 2 кори): 8 белки, 10 супени лажици шеќер, 140 г кокосово брашно, 2 супени лажици обично брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г). ЗА ЖОЛТ КРЕМ: 1 литар млеко, 8 жолчки, 150 г шеќер, 2 кесички пудинг со вкус на крем/павлака или ванила (80 г), 2 супени лажици брашно, 2 кесички ванилин шеќер (20 г), 250 г маргарин или путер, 40 г шлаг во прав, 60 г млеко во прав
ЗА ФИЛ ОД ЈАГОДИ: 500 г исчистени јагоди, 150 г шеќер (ако користите друго овошје, ставете повеќе или помалку во зависност од блажината на самото овошје), 2 кесички пудинг со вкус на јагоди (80 г), 250 мл вода. За декорација: 500 мл слатка павлака за шлаг, свежи јагоди, шарени трошки, чоколадо или по избор
ПОСТАПКА за пандишпан-кора: во подлабок сад ставете 4 белки и пенасто изматете ги со миксер. Кога малку ќе се оформи снегот, започнете постепено да го додавате шеќерот додека непрекинато матите. Треба да добиете цврст снег кој не паѓа од садот кога ќе го превртите. Потоа додајте една лажица брашно помешана со половина кесичка прашок за печиво, како и 70 г кокос.
Состојките измешајте ги со кујнска шпатула или жица-маталка со бавни движења. Треба да се сочува пенливоста и смесата да остане воздушеста. Калап со флексибилен обрач за торти (26 см) обложете го со хартија за печење на дното, па истресете ја приготвената смеса, рамномерно распоредете ја и израмнете.
Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 20 минути. Од печената кора која малку се изладила внимателно отстранете го обрачот, па повторете ја постапката и испечете уште една иста таква кора. Двата пандишпани оставете ги целосно да се оладат.
ЗА ЖОЛТ КРЕМ: Во еден сад истурете го прашокот за пудинг, додајте ги жолчките, брашното, шеќерот, ванилата и малку млеко (одземете приближно една чаша од едниот литар). Добро изматете ја содржината со жица-маталка за да нема грутчиња. Остатокот од млекото сипете го во тенџере и ставете го на оган.
Штом млекото зоврие и почне да пени, тргнете го тенџерето настрана и додајте ја мешавина од жолчки и пудинг. непрекинато матите при додавањето, па вратете го тенџерето на рингла и продолжете го варењето на умерена температура додека кремот да згусне. Внимавајте да не ви „потфати“ на дното и затоа мешајте во текот на следните неколку минути.
Сварениот крем претурете го во друг сад и покријте го со проѕирна фолија за да не фати коричка на површината додека се лади. За тоа време пригответе го филот од јагоди: двата пудинзи помешајте ги со малку вода колку да може да се добие мазна смеса без грутчиња (одземете од вкупните 250 мл).
Во тенџере ставете ги исчистените и исечкани јагоди на коцкички, 150 г шеќер и остатокот од водата. Ставете на умерен оган да се свари. Од моментот на зовривање варете уште неколку минути со повремено промешување, додека јагодите да омекнат. Потоа тргнете го тенџерето на страна и целата смеса испасирајте ја со рачен блендер.
Кога смесата ќе се измазни, додајте го разматениот пудинг, вратете на оган и варете со непрекинато мешање додека да згусне. Овој пудинг не го оставате да се лади, туку веднаш излејте го по половина на секоја од корите. Распоредете и израмнете. Нема потреба корите да ги натопувате дополнително со млеко, зашто се многу меки и сочни.
Путерот исечкјате го на коцкички за да омекне на собна температура. Потоа додајте му 40 г шлаг во прав, па пенасто изматете го со миксер. Од оладениот жолт пудинг (мора да биде на иста собна температура, никако топол) тргнете ја фолијата, па пенасто изматете го со миксер. Додајте го путерот и 60 г млеко во прав, па соединете ги со во нежен, свиленкаст крем.
РЕДЕЊЕ: Врз десерна чинија поставете го обрачот, првата кора премачкана со фил од јагоди, половина од жолтиот крем, втората кора со филот од јагоди, па втората половина од жолтиот фил. Израмнете и оставете ја тортата да преноќи во фрижидер за да се стегне. Следниот ден декорирајте ја. Деталите погледнете ги ОВДЕ.