Ова е многу вкусен домашен десерт кој никогаш нема да ви здодее да го јадете. Не треба да вклучувате рерна и не ви е потребен желатин за да го направи цврст и стабилен кремот, кој патен има божествен вкус и се топи во уста.




Овој десерт е совршен за сите љубители на јагодите, но секако, може да се приготви и од малини, шумско овошје, банани или овошје по избор. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г + 200 јагоди, 80 г + 60 г шеќер, 600 мл млеко, 50 г скроб/нишесте/густин, 20 г несолен путер или маргарин




ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете ги јагодите претходно измиени со ладна вода, исчистени од пателките и исцедени од вишокот вода, па додајте 80 г шеќер и испасирајте ги со рачен блендер сè додека да се претворат во кашеста смеса.




Во пирето од јагоди додајте 600 мл млеко, па добро изматете со жица-маталка неколку минути додека да добиете изедначена смеса. За да се прочисти од евентуалната пулпа на јагодите, процедете ја оваа смеса низ пластично сито или цедалка.




Додека се процедува, смесата мешајте ја со шпатула или лажица. Процедувањето се прави доколку сакате да добиете перфектен мазен крем, а доколку не сакате, можете да ја скокнете оваа постапка.




Во процедената смеса додајте 50 г пченкарен скроб/нишесте и добро изматете со жицата-маталка внимавајќи да не ви останат грутчиња. Потоа тенџерето ставете го на оган и гответе на умерена температура со непрекинато меѓање, сè додека да се згусне како пудинг.




Сварениот крем излејте го во еден подлабок десертен сад, најдобро транспарентен или каков имате. Израмнете ја површината и малку протресете го садот за да излезат евентуални празни воздушни простори, па оставете го во фрижидер да се стегне половина час. Наместо еден голем, може да користите повеќе помали десертни чаши.




За тоа време исчистете и измијте 200 г свежи јагоди па пресечете ги на половинки или четвртинки во зависност од нивната големина. Во празна тава ставете 60 г шеќер и 20 г несолен путер или маргарин.




Загревајте на умерена температура со непрекинато мешање сè додека путерот да се растопи заедно со шеќерот, а потоа и да се карамелизира. Потоа истурете ги сечканите јагоди и мешајте уште неколку минути додека да се соединат со карамелот.




Врелите карамелизирани јагоди распоредете ги директно врз оладениот и стврднат крем. Оставете неколку минути да се подизлади на собна температура, а потоа вратете го садот во фрижидер и оставете го еден час. Потоа може да се дегустира. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.