Пробајте го овој рецепт кој е полн со нутриенти и ќе ви ја задоволи потребата за слатко. Наместо да јадете висококалорични слатки, направете го овој ролат кој е полн со минерали и други корисни нутриенти, кои ќе ви обезбедат енергија во текот на денот.

Овој ролат содржи мноштво различни семки, кои според вредноста имаат доста калории, но доколку изедете 1-2 парчиња (кои веднаш ќе ве заситат), всушност ќе внесете речиси сè што му е потребно на вашето тело за да биде здраво и витално.

Десертот е многу здрав за оние што имаат проблем со остеопороза, особено поради тоа што содржи сусам, кој е одличен за коските. Десертот покрај другото содржи урми и суви кајсии кои се одлични за цревата, а семките од сончоглед и тиква се одлични за кожата. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 50 г семки од тиква, 50 г сончогледови семки, 20 г сусам, 150 г ореви, 150 г урми без семки (извадете ги), 150 г суви кајсии, 10 лажички вода, 1 кора од портокал, неколку капки екстракт од ванила.

ПОСТАПКА: За да го повлечете убавиот вкус од семките, потребно е тоа претходно малку да се истостираат на умерена температура. Во празна, нелеплива тава, ставете ги семките од тиква и малку пропржете ги со постојано мешање, додека да ја испуштат својата прекрасна арома. Потоа, додајте ги и излупените семки од сончоглед.

Мешајте и гответе ги уште малку додека малку да поруменат и да запознат да мирисаат привлечно. Тргнете ги од оган, истурете ги во некој сад и оставете ги да се оладат. Во меѓувреме истото направете го и со семките од сусам кои се тостираат посебно од семките од тиква и сончогледовите семки.

Врз даска за сечење иситнете 150 г ореви, а истото можете да го направите и во блендер, само внимавајте да не ги сомелите премногу, потребно е да останат поголеми парчиња и да бидат погрубо исечкани. Ставете ги во некој подлабок сад.

Урмите исчистете ги од внатрешната семка и поделете ги на трипати, да се смалат. Сувите кајсии исечкајте ги на големина приближна со урмите. Целото суво овошје ставете го во блендер, па директно изрендајте една кора од портокал и додајте малку екстракт од ванила за вкус. Кората претходно треба добро да биде истретирана со сода бикарбона и вода.

Сомелете сѐ во блендерот додека да добиете изедначена смеса-паста, која треба да густа и леплива. Добиената смеса истурете ја во сечканите ореви, па додајте ги и семките од тиква, и семките од сончоглед.

Смесата е доста густа, па потребно е убаво да се измеси со рака додека да се соединат сите состојки. Од добиената смеса можете да приготвувате бомбици, но може да приготвите и ролат, на следниов начин. Врз стреч-фолија истресете го тостираниот сусам и распоредете го, па врз него пренесете ја целата смеса, па со малку навлажнета или намастена рака формирајте валјак.

Потоа со фолијата обликувајте го ролатот, така што сусамот ќе го обложи надворешно, па оставете го фрижидер неколку часа да се стегне. Потоа извадете го од фолијата и сечете на помали парчиња, со големина по ваша желба. Деталите погледнете ги  ОВДЕ.