Ова е апсолутно фантастична, богата и голема торта со кори од белки и лешници, две креми со евроблок чоколадо и тенок слој слатка павлака. Идеална за секоја прослава. Тортата е цврста, па може да се збогати со фондан.

За корите само да напоменам дека дадени се потребни состојки за една кора, а потребни се четири такви. Се печат во калап 30х39 см мерено со ивиците.

Потребни состојки: 4 белки, 5 лажици шеќер, 50 мл ладна вода, 1 лажица брашно, 1 лажица какао, 4 лажици мелени печени лешници, 5 г прашок за печиво

ФИЛ 1: 8 жолчки, 8 лажици шеќер, 50 мл млеко, 200 г еуроблок чоколадо и 200 г путер. ФИЛ 2: 500 мл слатка павлака, 450 мл млеко, 7 лажици шеќер, 8 жолчки, 80 г брашно, 50 г густин/скроб/нишесте, 200 г еуроблок чоколадо, 40 г шлаг крем од чоколадо/1 кесичка +500 мл слатка павлака која се додава во филот и се мачка помеѓу филовите

Постапка: вклучете ја рерната на 200 степени да се загрева. Изматете ги белките со шеќерот, па додајте ладна вода и повторно убаво изматете. Во снегот додајте брашно исмешано со какао, прашок за печиво и мелени мешници, па промешајте со лажица за да се соедини.

Смесата излејте ја во намастен и набрашнет калап или обложен со хартија (30х39 см) и ставете да се пече околу 15 минути (после 12 минути проверете и пипнете ја, ако не е премека извадете ја). Постапката повторете ја уште трипати за да добиете вкупно четири кори.

За фил 1: Изматете ги пенасто жолчките со шеќерот, па додајте млеко и ставете на пареа да се свари додека матите околу 15 минути. Додајте го чоколадото и мешајте додека тоа да се растопи, па тргнете од ган и оставете да излади со повремено мешање.

За фил 2: Ставете ја слатката павлака и околу 250 мл млеко на умерен оган да проврие. Измешајте брашно, густин, жолчки, шеќер и со преостанатото млеко добро промешајте за да нема грутчиња.

Кога слатката павлака со млекото ќе зовријат (на умерен оган), додадете ја претходно измешаната смеса, мешајте и додајте го искршеното чоколадо. Мешајте додека да се растопи и згусне, па тргнете на страна за да излади. Повремено промешувајте ги двата фила за да не фатат кора.

Во првиот фил додадете пенасто изматен путер на собна температура, па заедно убаво соединете ги. Вториот фил малку изматете го со миксер, па во него истресете шлаг крем, така прашкаст (без претходно матење) и повторно изматете за да се соединат.

Кремот ќе биде воздушест, а на крај додајте околу 200 мл слатка павлака и уште еднаш убаво измиксајте додека убаво да се соедини. Остатокот од слатката павлака изматете ја посебно.

Редење: кора, фил 1, слатка павлака (тенок слој), фил 2 и се продолжува по истиот редослед. Врз четвртата кора не се става фил, значи количините поделете ги на три делови.

Recepti.com