Еурокрем ролнички со ореви едноставни за приготвување

Потребни состојки:

800 г остро брашно

1 свеж квасец (кој сака може и сув да употреби)

400 мл јогурт 3,2% мм

2 лажици шеќер

1 лажица брашно

1 јајце

1 жолчка

60 г путер-маргарин

4 лажици шеќер

1 лажичка сол

за фил:

околу 450 г растопен еурокрем

150 г мелени ореви

и уште:

60 г растопен путер за премачкување

шеќер во прав за наросување

малку масло за премачкување на тестото

Постапка:

Јогуртот загрејте го да биде млак, не премногу топол, но да не биде ладен. Во него издробете го квасецот, додадете 2 лажици шеќер и наросете 1 лажица брашно. Оставете да се активира и да надојде.

Брашното ставете го во поголем сад, па додадете го преостанатиот шеќер, сол, па измешајте. Додадете јајце, жолчка, растопен путер и надојдениот квасец со јогурт.

Сето добро изматете го со миксер, со маталки за тесто, додека да почне да се одвојува од ѕидовите на садот, па потоа уште малку, да добиете мазно тесто.

Во чист сад ставете масло да го прекрие дното, па тестото извалкајте го од сите страни во масло, прекријте со проѕирна фолија и ставете на топло да нарасне додека се удвои.

Нараснатото тесто извадете го на малку набрашнета површина, обликувајте правоаголник, па развлечете го колку што можете повеќе, тенко, но не претенко, околу половина см.

Развлечената кора премачкајте ја со еурокрем, па наросете со мелени ореви. Можете и малку да ги втиснете во кремот.

Потоа сечете го тестто по должина на 4 ленти, па попречно на пет, такашто ќе добиете 20 правоаголници.

Тепсијата малку навлажнете ја, па ставете хартија за печење. Секој правоаголник свиткајте го во ролатче, по должина.

Редете ги во тепсијата, едно зад друго, краевите да им се надоврзуваат, па кога ќе нараснат при печењето се спојуваат и на тој начин од страните се меки, без кора.

Така наредени премачкајте ги со растепн 60 г путер. Оставете да надојдат на топло, па ставете да се печат на 200 степени додека да заруменат. Кога ќе заруменат покријте ги со хартија за печење па печете ги уште 5 минути.

Извадете ги, оставете ги 15-тина минути да изладат, а потоа наросете ги со шеќер во прав.

Loading...