Кога ви се јаде нешто убаво за десерт, но немате многу време да поминувате во кујна, ниту да одите во продавница по намирници, секогаш можете да ја направите оваа брза и едноставна торта за која не треба да ја вклучувате рерната. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл млеко, 1 кесичка прашок за пудинг со вкус на ванила (40-50 г), 50 г шеќер, 10 мл есенција од ванила, 100 г шлаг, 400 г бисквити четириаголни. ЗА ГЛАЗУРА: 80 г шеќер, 15 г какао во прав, 20 мл млеко, 50 г путер




ПОСТАПКА: На дното од еден огноотпорен сад 28х18 см (или калап каков имате) наредете бисквити. Потрудете се правилно да го покриете целото дно, па доколку е потребно неколку од бисквитите поткршете ги до посакуваната големина.




Подгответе го филот: Во едно тенџере ставете го млекото, додајте го шеќерот, ванилин шеќерот и прашокот за пудинг, па со жица маталка убаво измешајте додека да се растопат состојките и да нема грутчиња.




Тенџерето ставете го на рингла и загревајте на умерена температура. Варете го пудингот со непрекинато мешање додека убаво да се згусне, а потоа тргнете го настрана и оставете го да се олади (околу 1 час со повремено промешување или покријте го со проѕирна стреч фолија за да не фати коричка)




Во посебен сад изматете го шлагот според наведеното упатство. Наместо шлаг можете да користите и течна павлака, во која доколку не е засладена, треба да додадете малку шеќер во прав по вкус.




Изматениот шлаг додајте го во изладениот пудинг (на собна температура), па заедно измешајте ги со шпатула додека да се соединат во фин и нежен крем. Половина од кремот рамномерно распоредете врз бисквитите, па израмнете.




Повторно наредете бисквити, па втората половина од филот и на крај завршете со бисквити. За глазура помешајте во едно помало тенџерче млеко, шеќер и путер, растопете па додајте какао во прав. Прелијте преку кексите и оставете околу два часа во фрижидер да се лади. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.