Фотографија и рецептна Ренци. Ова е навистина торта за посебни пригоди. Толку едноставна, а сепак посебна и поинаква од другите. Оваа торта е за сите љубители на чоколадниот кремаст вкус. Се приготвува од само неколку намирници, а валкате многу малку садови. Ви ја претставува тортата Ultimate One – Bowl Chocolate Dessert Cake.

Потребни состојки: 125 г путер, 375 г темно чоколадо (вкусно и квалитетно), 1 шолјичка кафеав шеќер (175 г), ¼ шолјичка брашно (35 г), 2 лажици млеко, 1 шолјичка ситно мелен бадем (120 г), 5 јајца, какао за наросување, шлаг и малини за декорација

Постапка: Рерната загрејте ја на 170 степени. Тркалезен калап (23-26 см) обложете го со хартија за печење. Со хартијата обложете го дното и ѕидовите. За да ги обложите ѕидовите, хартијата превиткајте ја трипати за да биде поцврсто и нека е повисоко од калапот.

Во микробранова печка или на пареа растопете ги чоколадото и путерот. Оставете малку да излади, да биде млако на допир (јас користев нестле чоколадо со 60% какао).

Потоа додадете го 175 г шеќер, брашно, мелени бадеми и 2 лажици млеко. Убаво промешајте со шпатула за да се соединат состојките. Потоа додадете ги сите 5 јајца одеднаш (нема потреба претходно да ги матите) и повторно промешајте со шпатулата додека да добиете фина чоколадна смеса.

Добиената смеса излејте ја во калапот. Одозгора врз хартијата која е повисока од калапот ставете алу-фолија, како капак.

Печете во загреана рерна на 170 степени, 40 минути. Тортата останува мека во средината а краевите се малку запечени.

Потоа тргнете ја фолијата, изладете ја на собна температура, па префрлете ја во фрижидер да излади неколку часови или најдобро преку цела ноќ.

Отстранете ја хартијата за печење и префрлете ја врз чинија за сервирање (тортата доста се стврднува во фрижидер и без проблем ќе ја префрлите).

Наросете ја одозгора со какао (јас користев Несквик). Добро загрејте го ножот и исечете ја тортата. Послужете ја со шлаг и малини.