Рецепт и видео презентација на Том Филос – Мојата домашна “вегета” (како јас ја правам). Вкусен зеленчуков зачин кој на сите јадења им дава одличен вкус, а не содржи никакви засилувачи на вкус, ниту адитиви или некакви вештачки обојувања.

За да го приготвите овој зеленчуков зачин кој е познат по популарното име на брендот “вегета”, ќе ви бидат потребни неколку плодови разновиден зеленчук, а уште подобро би било кога би знаеле дека истите се органски одгледувани, односно дека не се хемиски третирани.

Потребни состојки: 1 голема главица целеров корен, 2 големи корења пашканат, 6-7 моркови со просечна величина, 3 главици кромид, исто така со просечна величина, 2 главици лук (да не е кинески), една голема китка магдонос.

Постапка: Целиот зеленчук добро измијте го под млаз ладна вода, а по потреба оставете го половина час да отстои во раствор со сода бикарбона. Потоа уште еднаш измијте го и отстранете ја евентуалната нечистотија

Целерот излупете го од надворешната кора, а исто така и пашканатот, како и корковите, а кромидот и лукот исчистете ги од лушпите. Можете и рачно да го иситните зеленчукот, но многу полесно и побрзо оди доколку имате некое сечко за дробење на зеленчук.

Најпрво исечкајте ги морковите на тенки тркалца, а потоа истото сторете го и со кромидот. сечете го на колку можете потенки ленти. Секое чешне лук пресечете го на половина или четврини доколку е поголемо. Истото сторете го и со пашканатот и целерот.

Вака тенко исечканиот и иситнет зеленчук наредете го во еден слој врз хартија за печење и сушете го во рерна на 50 степени неколку часа (подолго време, околу еден ден) додека да стане кршлив под прсти, или пак користете дехидратор со таква намена.

Сувиот зеленчук истресете го во поголем сад, сомелете го и добро промешајте го за да се изедначат состојките. На вака приготвениот зеленчуков зачин може да му додадете малку сол по вкус, но и не мора. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

Прочитајте уште еден – Рецепт за домашен и здрав зачин за јадења – без адитиви и засилувачи на вкус. Ќе ви го претставам оригиналниот рецепт, а потоа и мојата верзија.

ОРИГИНАЛ СОСТОЈКИ: 1 кг морков, 1 кг црвени пиперки, 1 кг целер и магдонос (корен), 1 кг црвен кромид, 1 кг сол, 1 китка лист од магдонос и 1 китка лист од целер

Напомена: ова се мерки за исчистен зеленчук. Но, јас заборавив да искалкулирам колку ќе ми биде потребно а да добијам 1 кг после чистењето, се разбира дека промашив, бидејќи купував одокативно, па после чистењето ги добив следниве количини:

700 г морков, 700 г црвени пиперки, 200 г корен од магдонос, 500 г корен од целер, 700 г црвен кромид, 700 г морска сол, 1 китка магдонос лист, 2 китки целер лист со стебленца и 1 китка селен лист

Постапка: Целиот зеленчук што ќе го купите, исчистете го и измерете го за да знаете колку сол да ставите. На 4 кг зеленчук се додава 1 кг сол. Како го чистите зеленчукот, веднаш ставајте го во ладна вода додека сè да завршите.

Исчистениот зеленчук уште еднаш добро исперете го, па ставете го повторно во ладна вода, претходно исечено на помали парчиња. Листовите исто така добро измијте ги. Величината на парчињата оценете ги според односот на величината која минува низ вашата машина за мелење месо.

Започнете со мелење, така што постојано ќе ставате различен зеленчук во комбинација со листови од магдонос, целер и селен, додека да ја сомелете целата количина.

Измелениот зеленчук добро промешајте го и додадете ја солта, па повторно промешајте и оставете да отстои така преку целата ноќ. Повремено промешајте го зачинот.

Следниот ден, приготвениот зачин за јадење складирајте го во стаклени тегли, па со метален капак. Кога ќе отворите некоја тегла, можете да ја чувате во фрижидер, иако од искуство велат дека не се расипува ниту на собна температура. Ама јас се навикнав да го чувам зачинот во фрижидер.

После осум месеци ја дојадуваме последната тегла и морам да ви кажам дека ниедна не ми се расипа. / Coolinarika.com