-Во првата група на канцерогени намирници, според соопштението на Светската здравствена организација, припаѓаат преработките од месо, додека во втората група припаѓа црвеното месо. Меѓутоа, извесни количини не се опасни, особено ако се приготвуваат на здрав начин!
Откако Светската здравствена организација соопшти дека месните преработки – како што се сланината, шунката и колбасите, би можеле да бидат причина за развој на рак, се подигна лавина од текстови, коментари и совети за она што точно во пракса би требало ова да значи.
Кај нас, во Македонија, оброците главно се базираат на месо или месни преработки, а според анкетата едно просечно семејство на своето мени има месо, приготвено на различен начин, околу 3-4 пати седмично.
Кога цел ден сме излезени или дома немаме ручек, најчесто консумираме сендвичи со нешто сувомеснато кои ги јадеме набрзина, а нашите празници ги поминуваме со скара. Зимно време оброците со месо се незамисливи.
Што ова значи во пракса? Која количина на месо е разумна за консумирање и колку случаи на рак се поврзани со исхраната на месните производи?
Нутриционистите советуваат дека месото не смее целосно да се исфрли од исхраната. Треба да внесуваме околу 120-150 г црвено месо, во зависност од возраста, 2-3 пати седмично.
Таа количина ќе му обезбеди на организмот доволно железо, цинк и неопходни минерали. Месото треба да биде проверено и да се приготвува на здрав начин, односно да ги задржи во себе хранливите материи, а тоа значи брза термичка обработка со малку масти, или да се готви полека и долго во вода, за да го сочува својот квалитет.
Како што напоменуваат и самите експерти од британската агенција за истражување на канцер, – поентата е во тоа да ја ограничиме количината месо која ја консумираме. На секои 1000 луѓе околу 66 ќе развијат рак на цревата во некој момент од животот. Оние кои јадат најмалку месни преработки ја намалуваат таа бројка за 10, па меѓу тие 1000 луѓе кои одбегнуваат црвено месо, од рак на црева ќе заболат 56.
На кој начин црвеното месо и неговите преработки предизвикуваат рак?
Истражувачите се’ уште се обидуваат да откријат како точно црвеното месо и неговите преработки предизвикуваат појава на канцерогени клетки, но дека главните осомничени се поедини хемикалии кои можат да се пронајдат во месото.
Проблемите со црвеното месо започнуваат кога хемикалијата наречена хем (составен дел од црвениот пигмент во крвта – хемоглобинот) ќе започне да се распаѓа во нашите црева каде создава други хемиски соединенија наречени Н-нитрозо за кои е откриено дека ги оштетуваат клетките кои ги обложуваат цревата и поради кои другите клетки забрзано се размножуваат заради санација на штетата. Таа „екстра“ потреба за репликација доведува до зголемување на шансите од грешки во ДНК, што е прв чекор на патот кон канцерот.
Исто така, појавувањето на канцерогени клетки може да биде предизвикано и од одреден начин на термичко приготвување. Па така е утврдено дека печењето на црвеното месо на висока температура (на жар, скара) ослободува повеќе штетни материи во споредба со другите видови месо.
BBC наведува дека месото се обработува на посебен начин за да му се продолжи рокот на траење или вкусот, со димење, стврднување, додавање на сол или конзерванс – што исто така го зголемува ризикот.
Преработките од месо се класифицирани како „дефинитивни“ предизвикувачи на рак и припаѓаат во првата група на канцерогени, истата во која се наоѓаат и пушењето и алкохолот. Црвеното месо како „веројатен“ причинител за рак спаѓа во втората група канцерогени.
Според зборовите на еден експерт за причинители за појава на рак, IARC спроведува „идентификација на опасноста“ а не и „проценка на ризикот“, што значи дека организацијата не нуди информации за тоа колку е силен потенцијалот на нештото за да предизвика рак, туку едноставно дека тој постои.
Љубителите на црвеното месо, каде спаѓаат и голем број на Македонци, помеѓу останатото и оние кои сметаат дека сланината е „лек за душата и телото“, во моментов можеби се загрижени и лути на извештаите.
Како што можете и сами да изведете заклучок, не е потребно да станете вегетаријанец (освен ако тоа го посакувате). Но, секако треба месото да го консумирате помалку и поретко, а повеќе да внесувате влакна, бело месо и риба, кои не се поврзуваат со ниеден вид на карцином.