Кај нас дома печивата се омилени и ги правам во секоја варијанта. Оние кои всушност ни се омилени се лиснатите печива со крцкава коричка, а однатре ги полнам со пире и пржен кромид.
Толку многу се вкусни што додека ги правите, веднаш ќе ви се отвори апетитот. Јас ги правам секоја седмица во изминатите 15 години и уште не ни се здодеани.
Она што е убаво за овие печива е тоа што не чекате тестото да стасува и оклагијата можете да ја заборавите бидејќи не е потребна. Сѐ што правите е со раце, па дури и развлекувањето на корите.
Важно е корите да се развлекуваат многу тенко, тоа е првиот услов за овој рецепт да биде успешен. Еве што ви е потребно за да ги подготвите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 1,5 лажичка сол (7 г), 2 чаши млака вода (400 мл), 5 чаши брашно (550 г).
ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ НА ТЕСТОТО: 1 мала чаша масло, 80 г путер или маргарин (за посна варијанта).
ЗА ФИЛОТ: 4 компири, 1 главица кромид, 5 лажици масло, 1 лажичка сол, 1 лажичка црн пипер, 1 лажичка црвена зачинска пиперка.
ПОСТАПКА ЗА ТЕСТОТО: Во еден подлабок сад ставете 1,5 лажичка сол, прелијте со 2 чаши млака вода и промешајте со жица/маталка или шпатула.
Постепено започнете да го додавате брашното во неколку наврати. Јас го додавам на четири или петпати. Како што го додавате брашното, полека соединувајте го тестото со шпатулата. На почетокот ќе биде лепливо.
Кога ќе го соедините тестото со целото брашно, префрлете го на рамна набрашнета површина и домесете го уште 6-7 минути додека да престане да се лепи и да стане компактно и мазно.
Месењето треба да го правите однадвор кон навнатре, односно краевите ги превиткувате кон средината на тестото. Додавајте брашно по потреба.
Замесеното тесто поделете го на два еднакви делови и од секој дел формирајте подебел валјак. Од секој валјак исечете шест еднакви делови, значи вкупно треба да добиете 12. Сите делови формирајте ги во топчиња.
Во еден огноотпорен сад подгответе ја смесата за премачкување на тестото така што ќе ги соедините маслото и растопениот путер.
Ставете ги сите топчиња од тестото да ферментираат околу 30-тина минути во маслото и путерот, со тоа што ќе направите вдлабнатина во секое топче, со помош на прстот. Покријте го садот додека топчињата одмораат во маслото.
Во меѓувреме, подгответе го филот. Компирите измијте ги на неколкупати, додека добро да се исчистат од скробот, па излупете ги и поделете ги на четвртини.
Ставете да се варат во солена вода, додека да омекнат. Потоа, оставете да се оладат, па изгмечете ги во пире кое ќе го зачините по вкус.
Една главица кромид исечкајте ја ситно и ставете да се пржи во малку загреано масло на тавче.
Откога кромидот ќе почне да ја испушта својата вкусна арома, намалете ја температурата и гответе уште 5 минути под капак. Потоа, зачинете со сол, црн пипер и црвена зачинска пиперка, па тргнете го тавчето од рингла.
Кромидот префрлете го во пирето и добро соединете. Филот е подготвен, а потоа преминете на филување на печивата.
Секое топче префрлете го врз намастена рамна површина и со прстите развлекувајте го од секоја страна додека да стане екстремно многу тенко, како што е прикажано на фотографијата подолу.
Корите треба да бидат многу тенки, за печивата да се разлистуваат. Доколку на некое место, тестото малку ви се искине, нема потреба повторно да го спојувате или развлекувате, при диплењето ќе се пополни.
Развлеченото тесто преклопете го од едната, па од спротивната страна, така што ќе добиете изглед на правоаголник. На едниот крај, распоредете малку од филот и од филуваната страна свиткајте го тестото во ролат.
На овој начин подгответе ги сите останати печива и наредете ги во плех, обложен со хартија за печење. Печивата одозгора премачкајте ги со мешавината од путер и масло.
По желба, врз печивата може да направите неколку површински резови за да изгледаат декоративно. Ставете да се печат во претходно загреана рерна на 190 степени, околу 35-40 минути.
Наместо горенаведениот фил, може да филувате и со нешто по ваш избор, како на пример со сирење. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.