Да грицнеме малку, да се замеземе.. Со салца или некој осветилен сос? За што и да се одлучите, сигурно ќе уживате во овие домашни тортиљи кои толку фино крцкаат како чипс. Единствена мана што ја имаат е тоа што кога еднаш ќе ги направите, не можете да престанете да ги грицкате!

Потребни состојки: 225 г пченкарно брашно, 150 г пченично брашно, 1 лажица масло, 1 рамна лажичка сол, 1 лажица сечкан магдонос, ½ лажичка чили и топла вода по потреба. За салца: 4 пиперки, 4 домати, 2 чешниња лук, сол, црн пипер, масло

Постапка: во подлабок сад измешајте ги двете вида брашно, додајте сол, масло, сечкан магдонос и чили, па со додавање на топла вода замесете средно меко тесто.

Тестото поделете го на топчиња и секое топче развлечете го во тркалезна кора. Исечете го вишокот тесто. Кората ставете врз алуминиумска фолија, па кратко запечете ја од двете страни на загреана рингла.

Потоа исечете ја на 8 триаголници. Во длабоко масло пржете ги триаголниците додека да станат фино крцкави. Вадете ги врз хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. На истиот начин испржете го и останатото тесто.

За салца: Зеленчукот измијете го, пиперките исечете ги на половина и исчистете ги до семето и дршките, а доматите оставете ги цели. Сите наредете ги на плех и печете ги 20-тина минути во загреана рерна.

Оставете зеленчукот малку да излади, па потоа излупете го и сомелете го во блендер или ситно исечкајте го. Посолете и запиперете по вкус. Додадете малку масло и лукче.

Сервирајте го чипсот со салцата или некој друг сос по ваша желба. Одлично одговара како мезе со пиво.