Фото и рецепт: Сашка Игнатова Трајкоска Рецептот за овие превкусни мераклиски еклерчиња го објави нашата драга членка Сашка Игнатова Трајкоска во нашата и ваша група НМД рецепти.

Потребни состојки: 250 мл масло, 120 мл вода, 170 г брашно, 1 прашок за печиво и 4 јајца. За фил: 1 литар млеко, 150 г нишесте, 6 лажици шеќер, 1 ванилин шеќер, 120 г путер, 50 г шеќер во прав и чоколадна глазура по желба

Постапка: 250 мл масло и 120 мл вода заедно се ставаат на оган, па кога ќе зоврие, се потргнува од рингла, се додава 170 г брашно помешано со 1 прашок за печиво.

Се замесува тестото со дрвена лажица и се остава целосно да се излади. Потоа, во ладното тесто се додаваат јајцата, но едно по едно. Се мати или се меси со рака додека претходното јајце да се впие во тестото, па потоа се додава следното јајце.

Кога сите јајца добро ќе се спојат со тестото, со помош на лажица се оформуваат еклерчињата, се редат на плех обложен со хартија за печење и се остава растојание помеѓу нив.

Се печат во претходно загреана рерна на 170 степени и притоа не се отвора рерната. Пред крај може да се покачи на 180 степени за да заруменат. За фил: Од литар млеко се одзема 250 мл, а остатокот со шеќерот и ванилата се става на оган да зоврие.

Во одземеното млеко се раствора 150 г нишесте, убаво да нема грутчиња, па во тенок млаз и со постојано мешање се додава во врелото млеко. Се меша додека да згусне и се остава целосно да излади.

На страна пенасто се мати путерот со шеќерот во прав, па се соединува со изладениот крем. Изладените еклери се полнат со изладен фил, а одозгора се полеваат со растопено чоколадо или чоколадна глазура по ваша желба.

Фото и рецепт: Сашка Игнатова Трајкоска