Рецепт на Ивана од Шерпица Рецепти. Домашна тарана за супи и чорби, многу е вкусна, нема поубава. Порано нашите баби често знаеа да ја користат тараната во разни јадења, а на многу од децата им била омилен оброк.

Навистина е превкусна, а се подготвува исклучително лесно кога немате време за да готвите ручек, подолу во текстот може да најдете и подготовка на тарана за појадок или вечера.

Потребни состојки: 5 јајца, брашно околу 700 г.

Постапка: Во подлабок сад се кршат 5 јајца, а потоа додајте го брашното. На овој начин е полесно да процените колку е доволно да ставите брашно, отприлика на 1 јајце оди 150 г брашно.

Започнете да месите со рака, а постепено додавајте од брашното додека да се формира тврдо и нелепливо тесто под прсти. Тестото треба да биде суво, а од овој рецепт излегува голема количина на тарана и ќе имате постојано дома.

Откога ќе го замесите тестото, префрлете го на набрашнета рамна површина и продолжете со месењето. Откога ќе замесите тврдо тесто, оставете го да отстои некое време на собна температура, а потоа повторно премесете го по отстојувањето.

За 1 ручек е доволно мало парче тесто како топче, а преостанатото место ставете го во алуминиумска фолија и добро затворете го во неа. Поделете го и останатото тесто за 1 оброк, а потоа секое топче завиткајте го во алуминиумска фолија, а потоа складирајте ги во замрзнивач.

Ова тесто може да стои повеќе од 1 месец во замрнивач. Пред користење оставете го да отстои на собна температура малку да се одмрзне. Сувата таранасе чува во добро затворени и чисти херметички тегли на суво и темно место, каде што нема влага.

За сушење на тараната: Ставете една памучна крпа или чаршаф на маса, а потребно ќе ви биде само 1 ренде. Доколку тестото е лепливо, премесете го со уште малце брашно, а откога тестото ќе стане суво, започнете да рендате на крупната страна, а тестото да паѓа директно на крпата.

Откога ќе го изрендате тестото, наросете уште малку брашно, а потоа направете вреќичка од крпата и промешајте го тестото. Тестото раширете го низ целата површина на крпата, а крпата пренесете ја во просторија каде што нема влага.

I Рецепт: Тарана со колбас, традиционален рецепт на нашите баби

Потребни состојки: 400 г домашна тарана, 250 г сечкан кромид, 300 г сечкани компири на коцки, 1 кафена лажичка паста од чили (опционално), 100 г димена сланина, 350 г домашен сув колбас, 1 супена лажичка црвен пипер, 150 г свежа зелена пиперка, 300 г сечкани домати, 2 чешниња ситно сечкан лук, 1 кафена лажичка црн пипер, сол по вкус, вода.

Постапка: Во загреано тенџере се става сланината и се пржи на тивко. Откога ќе ја испушти сланината својата маст, додајте ја тараната и пржете заедно со постојано мешање. Тараната ќе добие многу убава боја при пржењето.

Тараната се пржи се додека да добие убава потемна боја, а откога ќе потемни се додава сечканиот кромид и ситно сечканиот лук. По малку пропржување на кромидот и лукот, додајте го сувиот колбас и продолжете со мешање. За овој процес ќе треба да се пржи околу 15 минути.

Потоа додајте го црвениот пипер и лутата чили паста (по желба). Се соединуваат состојките, а потоа додајте ја свежата зелена пиперка и доматот. Се зачинува со црн пипер, а потоа се прелива водата. Водата треба да биде нешто над состојките.

Откога ќе ја ставите водата, додајте ги компирите и посолете по желба. Повремено додавајте вода по потреба доколку е потребно. Поклопете го садот и оставете да се крчка на тивок оган околу 40 – 45 минути, со повремено промешување за тараната да не загори.

Кога ќе омекнат сите состојки и изгасете ја ринглата. Тенџерето поклопете го со капак и оставете го да отстои уште 10 минути. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. / Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска

II Рецепт: Варена тарана со сирење, за појадок или вечера, лесен оброк кој многу заситува

Постапка: На 1 чаша тара оди 3 чаши вода. Водата се зоврива со сол, а потоа се додава тараната и се вари 15 – 20 минути на средна температура. По потреба се додава вода и постојано се меша. Тараната е готова кога ќе омекне, а се послужува со јогурт и сирење.