Рецепт на Зорица Алексиќ. Витамински сок од јаболка и моркови, 100 % природен и без конзерванси. Се подготвува исклучително брзо и лесно, а за дечињата е одличен, бидејќи е домашен и многу вкусен.

Од овој сок излегуваат вкупно 9 литри сок, а шеќер има само 1 кг, но кој сака моѓе да го замени со мед или стевија. За разлика од купечките сокови, во овој сок има само вода, шеќер и овошје, нема дополнителни адитиви, конзерванси и други состојки за подобрување на вкусот и бојата.

Витамински сок 100% природен – рецепт. Потребни состојки: 3 кг исчистени јаболка од семки и лушпата, 1 кг моркови, 1 кг шеќер (може и помалку), 9 литри вода, 3 ќесички лимонтус (наместо лимонтус, на крај додајте лимонов сок).

Постапка: набавете зрели и здрави јаболка. Исчистете ги и исечете ги на поголеми коцки или како ќе ви дојде. Морковот исто така исчистете го и сечкајте го на поголеми кругови. Јаболката згответе ги во 5 литри вода, а морковот во 2,5 литри вода.

Зготвени и изладени испасирајте ги во блендер, па додајте ја водата во која се готвело овошјето и уште 2 – 3 литри вода (во зависност од тоа колку сакате да биде разблажен). Ставете ја целата содржина да се зготви, а кога ќе почне да врие, додајте го шеќерот и лимонтусот и оставете да се вари уште 2 – 3 минути.

Намалете ја температурата на ринглата и оставете да стои тенџерето уште 10 минути на врелата рингла. Врелиот сок се става во загреани шишиња, кои претходно треба да бидат добро исчистени и измиени, па се замотуваат сите во ќебе. Се остава да отстојат така додека сокот да се излади.

II РЕЦЕПТ. Витамински сок со преубава портокалова боја, за кој ви се потребни јаболка, моркови и круши. Тоа се едни од најздравите намирници, богати со витамини и минерали. Особено летно време, секој сака да се напие една чаша од овој сок и да се исполни со енергија. Останете свежи во текот на денот.

Сокот се приготвува приближно за 15 минути, а освен наведените состојки, можете да додавате и некое друго овошје или зеленчук, па на тој начин да добивате различни вкусови. Јас и моите деца најмногу го сакаме подготвен на овој начин со овие 3 намирници.

Потребни состојки: 500 г круши, 500 г моркови, 1 кг јаболка, 200 г шеќер, 3 литри вода и 2 лимонтуси. Количината на вода и шеќер можете да ја промените во зависност од тоа дали сакате повеќе посладок или покисел вкус.

Постапка: измијте ги убаво јаболката и излупете ги, а потоа исечете ги на средно големи парчиња. Не заборавајте да ги извадите семките на јаболката. Веднаш префрлете ги во едно поголемо тенџере, а доколку немате такво, распоредете ги јаболката и останатите состојки во две тенџериња.

Додајте 2 литри вода и веднаш започнете со подготвката на крушите. Излупете ги и отстранете ги семките, а потоа исечете ги на парчиња. Додајте ги во тенџерето со вода. Измијте ги морковите, излупете ги и исечете ги на средни по големина крукчиња.

Пред да го ставите тенџерето на рингла, додајте го шеќерот и лимонтусот. Малку промешајте и додајте уште малку вода доколку е потребно. Количината на шеќерот може да ја прилагодите според вашите потреби.

Ставете го тенџерето на ринга, а во меѓувреме стерилизирајте ги шишињата во претходно загреана рерна на 100-150 степени. Кога водата во тенџерето ќе почне да врие, намалете ја температурата за неколку степени и оставете го сокот да се готви уште 20 минути.

Оставете морковот да омекне, бидејќи тој се готви подолго од јаболката и крушите на кои им е доволно 5 минути варење за да омекнат. Повремено вадете ја пената која се собира на површината.

Потоа, со рачен блендер директно изблендирајте ги сите состојки во тенџерето. Доколку немате рачен блендер, префрлете ги сите состојки во обичен блендер, но водата оставете ја во тенџерето, а потоа смесата вратете ја повторно во течноста.

По блендањето сокот е подготвен. Со помош на инка наполнете ги шишињата со густиот сок. Не заборавајте да ги стерилизирате и капачињата на шишињата. Доволно е да ги пребришете неколку пати со чист ал-кохол.

Покријте ги со ќебе и оставете сокот да се излади некое време. Чувајте го сокот на ладно и темно место. Ако сакате дополнително да го пастеризирате сокот, кога ќе ги наполните шишињата со сок, вратете ги во рерна на 100 степени уште половина час, иако нема потреба.