Фото и рецепт: Ана Пајиќ

Од оваа количина излегуваат 12 литри сируп на растворување. Не содржи конзерванси, вештачки бои, адитиви, вештачки вкусови и други разни хемикалии, но содржи шеќер, инаку не би бил сируп. Може да користите обичен или интегрален шеќер, а количината да ја менувате според ваш вкус. Сокот се раствора исто според вкус, некој го сака поразреден, а некој погуст. Овошјето може да го излупите за сладок и освежителен вкус, а за посилен и малку “битер” вкус, сомелете го заедно со кората.

Потребни состојки:

2 кг портокали
5 крупни лимони (или повеќе, а може и лимонтус)
5-6 кг шеќер или по вкус
10 литри вода

Постапка:

За посилен вкус со малку “битер” или горчлива нота, се користи нелупено овошје. За посладок вкус овошјето излупете го.

Со кора: Најдобро е да се користи домашно овошје кое не е прскано, но бидејќи не може секој да си го дозволи, купечкото најпрво добро измијте го, а потоа истретирајте го со раствор од сода бикарбона и оцет.

Без кора: Овошјето се лупи и се пасира кратко во сечко, блендер или на машина за месо, па се префрла во подлабок сад и се прелива со 10 литри вода. Се поклопува и се остава да отстои 24 часа со повремено мешање.

После 24 часа сокот се процедува, убаво се цеди пулпата и остатоците од овошјето низ газа или цедалка. Се додава шеќер, а потоа малку сок растворете во една чаша за да видите дали ви е потребно уште лимон или шеќер, па по желба исцедете лимон или додадете лимонтус.

Шеќерот релативно брзо се раствора, па сокот се прелива во стаклени шишиња и се затвора со метални капаци. Големиот плех ставете го на најниската полица во рерната, па во ладна рерна наредете ги шишињата, да не се допираат.

Тајмерот вклучете го на 90 минути, а рерната на 90 степени (класичен програм, горен и долен грејач). После 90 минути рерната исклучете ја и не ја отворајте додека шишињата сами да изладат. Најдобро е ова да се направи попладне или навечер, па да се остават шишињата до следниот ден. На овој начин се пастеризира сокот и може да има долг рок на траење.

Фото и рецепт: Ана Пајиќ