Д-р Марио денес презентираше како се прави вкусен и многу здрав намаз за лепче од семки. Семките се исклучително здрави, бидејќи ја подобруваат работата на срцето, црниот дроб, очите, ги јакнат коските…

За таа намена д-р Марио препорачува пет видови семки, по 100 грама, во вкупна количина од 500 г. По потреба можете да додадете малку (лажичка-две) кокосово масло или пак ленено, за да се разреди смесата и полесно да се мачка. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г непечени кикирики, 100 г сончогледови семки, 100 г семки од тиква, 100 г ленено семе и 100 г сусам.

ПОСТАПКА: Сите состојки сипете ги во сува тава и истостирајте ги на тивок оган. Тоа значи да се загреваат семињата на тивок до умерен оган со непрекинато мешање во времетраење од 6-7 минути или колку што е потребно да се ослободат етеричните масла.

Штом започне да се шири пријатен мирис, а семките да потпукнуваат од топлината, значи дека тие се истостирале и треба да се тргнат од оган. Внимавајте да не ги изгорите, па затоа мешајте постојано додека се на шпорет.

Оставете семето малку да подизлади, па сипете го во блендер и измиксајте го, исто така во времетраење од 6-7 минути или колку што е потребно за да добиете мазна смеса. Повремено правете паузи и промешувајте.

По потреба додајте малку кокосово масло или друго масло по ваш избор и продолжете со миксањето. Готовиот намаз складирајте го во соодветен сад со капак кој добро се затвора. Намазот чувајте го во фрижидер.

УПОТРЕБА: Намазот е многу хранлив и здрав за организмот, но не треба да се претерува со негова консумација. Мачкајте го на парче интегрален леб, не повеќе од две лажички дневно, 3-4 пати неделно.

Најдобро е да се јаде за појадок или вечера во комбинација со чаша кефир (домашно ферментиран јогурт, најдобар пробиотик). Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.