Брзински колач преполн со ореви, еден од најкремастите колачи кои се топи во уста. Се приготвува многу брзо, лесно и едноставно, а мора да признаам дека се изедува уште побрзо, за 10 минути го нема. Сите штом го пробаат веднаш бараат рецепт.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 8 г ванилин шеќер (1 кесичка), 6 или 7 лажици шеќер, 100 мл масло, 100 мл млеко, 12 лажици брашно (200 г), 12 г прашок за печиво (1 кесичка), 100 г мелени ореви. Уште ќе ви биде потребно 100 мл млеко за натопување на корите.




Потребни состојки за фил: 500 мл млеко, 4 лажици шеќер, 2 лажици какао, 2 лажици брашно, 50 г маргарин или путер, 6 лажици мелени кекси. За глазура: 200 мл слатка павлака, 180 г чоколадо за готвење, 50 г ореви.

ПОСТАПКА: Во подлабок сад за матење ставете три јајца и додајте 8-10 г ванилин шеќер (една кесичка) и 7 супени лажици шеќер (количината на шеќер можете да ја намалите доколку така сакате, по вкус). Потоа пенасто изматете ги со електричен миксер, во времетраење од 5 минути.




Шеќерот во јајцата треба да се растопи со матењето и да се добие густа кремозна смеса со малку зголемен волумен. Во изматените јајца додајте 100 мл масло за готвење и 100 мл млеко, па продолжете со матењето уште 1-2 минути додека убаво да се соединат состојките.

Потоа во смесата додајте 12 супени лажици брашно (200 г) и 12 г прашок за печиво (една кесичка), најдобро просеано преку сито, а на крај додајте и 100 г мелени ореви. Смесата промешајте ја со лажица или со жица-маталка додека да се изедначи и да стане хомогена.




Тенкиот плех од рерна со димензии 30х40 см обложете го со хартија, па во него излејте ја приготвената смеса и рамномерно распоредете ја преку целата површина. Можеби ќе ви се чини премалку тесто, но иако кората е тенка, таа ќе си нарасне во текот на печењето.




Ставете да се пече во претходно добро загреана рерна на 200 степени околу 25 минути. Печената кора извадете ја од рерна и оставете ја да се олади. За тоа време пригответе го филот: Во едно тенџере ставете 500 мл млеко, па во него додајте 2 супени лажици какао во прав.




Во млекото додајте и 2 супени лажици брашно и на крај 4 супени лажици шеќер. Смесата убаво изматете ја со жица маталка додека да се растопат состојките и да нема грутчиња. Тенџерето ставете го на рингла и загревајте на умерен оган со непрекинато мешање.




Кога смесата ќе се свари, треба да згусне како крем. Додека е врел во него додајте парче од 50 г путер и мешајте уште малку додека тој да се растопи и да инкорпорира во кремот. Ова правете го на многу тивок оган и мешајте непрекинато, внимавајте да не ви загори.




Сварениот крем тргнете го на страна и оставете го 10-тина минути да се олади со повремено промешување за да не се создаде коричка. За тоа време извадете ја изладената кора од плехот, отстранете ја хартијата, а потоа пресечете ја два еднакви дела.

На тој начин ќе добиете две кори. Земете една од корите и поставете ја врз сад за сервирање, поставете обрач со истите димензии како кората, па натопете ја со малку млеко за да биде сочна. За двете кори ќе ви биде потребно околу 100 мл млеко.




Во млакиот крем постепено додавајте 6 супени лажици мелени бисквити, добро промешајте за да се изедначи смесата, па потоа рамномерно распоредете ја врз целата површина на натопената кора и израмнете. Врз кремот поставете ја внимателно втората кора.

И оваа кора рамномерно со лажица натопете ја со малку млеко за да биде сочна. Потоа пригответе ја глазурата. Во тенџере ставете 200 мл слатка павлака (хопла) и загревајте ја на многу тивок оган. Внимавајте да не ви зоврие. Кога доволно ќе се загрее додајте 180 г чоколадо за готвење искршено на коцки.




Промешајте убаво додека чоколадото да се растопи и соедини со слатката павлака. Чоколадната глазура оставете ја да се олади 20 минути со повремено промешување. За тоа време од колачот отстранете го обрачот, па целиот превртете го врз даска поставена врз хартија.

Оваа постапка не е неопходна, но бидејќи целата торта се прелива со течната глазура, на овој начин тоа најдобро се прави. После 20 минути во глазурата додајте 50 г ситно сечкани ореви и промешајте да се впијат во течноста. Започнете со постепено нанесување.




По неколку лажици ставете одозгора врз колачот и рамномерно распоредувајте. Глазурата сè уште е течна и топла, па ќе истекува од страните. Можеби најдобро е глазурата да се нанесува на неколку наврати, односно, откако еден слој ќе се олади и стегне, врз него да се нанесе втор.

Обложете ја целата торта со глазурата и по страните, па оставете ја во фрижидер на ладење околу еден час за да се стегне убаво. По изминатото време можете да ја пресечете и да ја послужите.