Денес, доколку немате многу важна работа, не излегувајте од дома Особено треба да внимаваат и да се заштитат оние кои имаат проблем со респираторните органи, белите дробови како и кардио-васкуларни заболувања.

Доколку сепак излегувате, задолжително носете маска, но не обична, туку маска која во филтерот содржи активен јаглен.

Затворете ги прозорците од домот и не проветрувајте. Не штедете средства на прочистувачи на воздухот, кои може многу да помогнат во домот и работните простории.

Општините треба да финансираат прочистувачи на воздухот кои би се поставиле во училиштата и градинките.

Кој не труе во моментов?

Со години наназад како главен загадувач на нашата метропола се споменуваше фабриката Железара. Но, од пред извесно време фабриката не работи, па и покрај тоа, над градот може да се забележи смог.

Редно време е надлежните да ги превземат сите мерки кои им стојат на распоалагање за да имаме поквалитетен воздух.

Законот за увоз на стари автомобили беше апсолутно лош и сега властите бараат начин како да го релативизираат. Ние би потсетиле и на старите и дотраени камиончиња кои личат на движечки оџаци.

Наместо да се удира акцент на ситните сообраќајни прекршоци, можеби треба да се направи акција за ригорозно казнување на оние кои како средство за затоплување користат печки, кои ги ложат со прегорено моторно масло.

Друг момент, кој според нас силно влијае на загадувањето се старите и дотраени автобуси, кои секојднево и целодневно крстосуваат низ градските сообраќајници.

Видовме дека државата е способна да го обнови возниот парк и тука без пардон треба да се воведат исто толку високи критериуми и за приватните превозници.

Можеби најважниот момент за спас на главниот град би биле стимулации за градење и живеење надвор од градската средина.

За почеток, социјалните станови кои се градат би требало да се лоцираат на периферијата, а потоа и приватните инвеститори да се поттикнат да градат надвор од градската средина, наместо да прават градски “фарадееви кафези“.

Секако, за сето ова да се оствари, државата треба да овозможи инфраструктурни можности.