“Прочитав на социјалните мрежи и идејата ми се виде интересна. Со оглед на тоа дека доаѓа сезона на овошјето (сливи, праски, кајсии, вишни, цреви, мушмули…) – предлогот е семките да не ги фрлате во ѓубре.

Напротив, измијте ги, исушете ги на сонце, ставете ги во хартиена кеса, па кога ќе одите во природа на шетање и наидете на некое соодветно место, фрлете или засадете семка.

Се споменува Тајланд како земја која успешно ја пропагира таа акција и дека само една засадена овошка ја оправдува акцијата.

Па еве и јас започнав со две семки од праски и десет од јапонска мушмула кои сега се сушат на сонце.”

Фото: Елма Дујиќ

Идејата за првпат беше спомната во нашата земја од Здружението за почиста и поубава Македонија.

„Идејата неколку години се спроведува во Тајланд со значителен успех во северните делови на земјата. Прифатена е во Малезија, а оваа година постепено се шири и во Европа. Во регионот сме први кои ја актуализираме како идеја. Идејата е едноставна, како што е напишано.

Со секое одење во природа си го земате хартиеното ќесе со исушени семки на сонце од овошки и како што одите во природа фрлате и малку со ногата ја забрефтувате семката со земја.

Истата семка може да никне после една, две или три години кога за истата би се создале поволни услови, влажност во почвата и сонце“, велат од Здружението „За почиста и поубава Македонија“.

Иако никнатите дрца веројатно ќе бидат диви и нема да даваат плодови како оној од кој се создале (бидејќи денес дрвата најчесто се калемат), сепак дрцата ќе цветаат и ќе дадат диви, ситни овошки кои некогаш се многу повкусни од питомите. Овие дрва се полезни за целиот екосистем, започнувајќи од пчелите, птиците, животинките, па сè до човекот.

Да се приклучиме на оваа голема иницијатива за ширење изобилство во природата и на овој едноставен и ефикасен начин да придонесеме за генерациите што доаѓаат.