Доколку си имате работа со месечар и го затекнете како оди преку ноќ, а мислите дека може да се повреди, слободно разбудете го.

Сигурно сте убедени дека месечарот треба да го пуштите да го направи она што го наумил да го направи во сонот. Во спротивно, ако го разбудите, си мислите дека ќе го шокирате и ќе му наштетите. Но, британската студија докажала дека ова е обичен мит и дека е сосем во ред да го разбудите месечарот.

Научниците заклучиле дека верувањето дека не треба да се допре оној кој оди или зборува во текот на сонот, потекнува од древни времиња, кога се сметало дека тие луѓе се опседнати со духови и демони.

Меѓутоа, од научна гледна точка станува збор за обична активност во т.н. сива зона која се случува помеѓу јаве и сон. Затоа, доколку имате „работа“ со месечар и го затекнете како оди сред ноќ, а притоа мислите дека може да се повреди бидејќи се упатил кон тераса, надворешна врата, прозор….слободно разбудете го.

Доволно е да го повикате по име и благо да го протресете по рамената. Направете го тоа нежно и суптилно, бидејќи ако викнете или го удрите, нагло ќе го разбудите од сон, што може да го преплаши, па да изреагира агресивно.