Пишува: Доц. д-р Кристина Егуменовска, Психолог-психотерапевт – Месец посветен на важноста на физичкото, сек-суално, репродуктивно и ментално здравје на жената.

Бременост, самопреглед на дојки, менопауза и со неа поврзана остеопороза, превенција на цервикален канцер, неплодност, се само дел од темите кои ги опфаќа синтагмата „женско здравје”. Но, говорот за здравјето на жените е многу повеќе од утврдување на ризична или неризична бременост, неплодност, рак на дојка, итна нужност за мастектомија, хистеректомија итн.

Здравјето на жените е повеќе од тоа не заради некаква претпоставена (и патем, често неплодна) „политичка коректност” за потребите на јавноста, туку затоа што ниту здравје, ниту женско, не се хомогени термини надвор од биолошкиот дискурс, па и во него не сосема, заради функционалниот карактер на здравјето. Ова е нужно да се нагласи затоа што октомври е посветен токму на здравјето на жените и бара од нас размислување кое го опфаќа, но и надминува спектарот на примери поврзан со репродуктивниот систем на жената.

Имено, сосема е смислено и потребно да се говори за предизвици кои ги засегаат исклучиво жените во различни животни периоди, контексти (работа, дом, патување), степени и култури (политики кои постојат за заштита на ранливи категории, традиција и стереотипи, семејни вредности и сл.), но нивното здравје очигледно го надминува гореспоменатиот спектар со самото тоа што прашува во кој контекст, со каква семејна и општествена динамика, или со каков социјален и личносен капацитет ја затекнуваме жената.

Здравјето, за нас луѓето е пред сè искуство, или поточно, осмислено искуство. Токму тоа искуство денес моќно се нормира како состојба каде здравјето се дефинира позитивно (не само како отсуство на болест туку како добросостојба) и холистички односно повеќедимензионално (како целосна добросостојба која нужно опфаќа повеќе параметри преку димензиите физичко, психичко, социјално здравје).

Ваквата промена во разбирањето на поимот здравје има многу конкретни, временско-историски и политички корени, кои тука немаме простор да ги насловиме (за поимањето на ’жена’ ќе молчиме, оти остануваме тајна), но една придобивка е нагласената свесност за важноста на личносните и емотивно-мотивациските процеси во здравствената динамика на секој поединец, и незаменливоста на социјалната поддршка, културен идентитет, контекст и социјалните предизвици кои често ја условуваат клиничката слика при категориите “здрав/болен“.

Опачината пак на вака проширениот концепт на здравје се можноста за патологизација на сите субоптимални состојби и, делумно, нереалноста, бидејќи „повеќето нè чини нездрави поголемиот дел од времето“ (Смит, 2008).

Чиниш, повикани сме не само на здравје, туку на повеќедимензионално ’совршенство’. Но какво и заради што или поточно кого? Денешната, скоро секаде присутна, нарцистична култура оптеретена со допадливост (или ако сакате, лајкохолизам), тежнее да нормализира и нормира еден вид мерливо и јавно совршенство на неповрзани или сè помалку поврзани единки.

Нормите се впрочем групен феномен, кој има моќна регулаторна функција не само во однесувањето на поединецот, туку и во динамиката на појавување, развој и прогноза на здравствените тегоби.

На среќа, човекот сепак не престанува да биде битие на заедница само затоа што живее во време на таква општествена клима, но потребно е да го разликува ‘куколот од житото’: куколот на стерилното совршенство, од житото на творителната љубов за другиот како најголема доблест, најголема добродетел. Ако сме и малку совршени, тогаш е тоа заради другиот преку можноста за наше давање и, еднакво важно, благодарење.

Давањето и благодарењето, тогаш кога се обете израз на најтемелниот човечки означувач слободната волја се всушност полнотата на здравата жена или маж (па и тогаш кога и едниот или другиот напати стравува или се избезумува). А како и би говореле за едните без другите?

Затоа, колку и да ни се наметнуваат во духот на (нео)либералната идеологија, денови или месеци мултиплицирано посветени на кластерно опфатени теми, должни сме истите да ги промислиме од перспектива на она што нè поврзува и тоа не само интра- и интер- родово, или пак интра- и интер- културално, национално итн., туку како личности: здравјето како себедавање е вистинскиот слободен простор, каде нашето делување впрочем и нè облагородува.

Бројни се примерите кои го поткрепуваат ова тврдење: од оние поризичните (спасување на живот на непознат, родител кој дарува бубрег за животот на своето дете), до помалку ризичните, а ништо помалку важни (неосудување, кроток збор, пеење детска успивалка во ниедно време, или стисок на рака кој говори погласно од било кој збор).

Живеејќи во време кога само кратките информации го задржуваат вниманието на луѓето, здравјето денес е дотолку повеќе секој наш однос кој низ посветеност со време ќе израсне од синапово зрно во дрво на чии гранки се вгнездуваат и птиците небесни, простор каде другиот се вреднува заради она што е.

Месецот посветен на здравјето на жените нека ни биде затоа потсетник на она што животот впрочем одново ни го покажува: барајќи, ја губиме слободата, а со неа и љубовта и радоста. Давајќи, ја наоѓаме и низ неа творително растеме дури и кога страдаме и сострадуваме заради загубите или неочекуваните болести на нас или нашите блиски.

Притоа не заборавајќи дека и покрај подолгиот животен век, кардиоваскуларните болести се главна причина за смртноста кај жените, униполарната депресија ги засегнува жените двапати почесто од мажите, женските здравствени работници се 70% од работната сила на глобално ниво, а половина од нивниот придонес за здравјето е во форма на неплатена нега, или дека 1 од 3 жени во светот искусува физичко или сексуално насилство, факт што секако има длабоко влијание на физичкото, сек-суално, репродуктивно и ментално здравје на жената. А фактите, како и делата, секогаш говорат погласно од зборовите.

Доц. д-р Кристина Егуменовска, психолог-психотерапевт